fbpx

Блинкен ќе отпатува на Блискиот Исток, ќе го посети и Израел

Посетата доаѓа откако во напад, наводно извршен од Израел, е убиен висок лидер на Хамас во предградијата на Бејрут, што ги зголеми стравувањата од поширок конфликт

-

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска заминува на Блискиот Исток, при што ќе го посети и Израел. Во Израел ќе отпатува и американскиот дипломатски претставник Амос Хохштајн, во обид да ги смири тензиите меѓу земјата и Хезболах, вели во изјава за Ројтерс и Франс-прес висок американски функционер, кој инсистирал да остане анонимен.

Ова ќе биде четврта посета на американскиот државен секретар на Блискиот Исток. Посетата доаѓа откако во напад, наводно извршен од Израел, е убиен висок лидер на Хамас во предградијата на Бејрут, што ги зголеми стравувањата од поширок конфликт.

„Не е во ничиј интерес, не е во интерес на која било земја во регионот, не е во интерес на која било земја во светот, овој конфликт да ескалира подалеку отколку што е сега“, изјави вчера портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, а пренесува Гардијан.

Блинкен заминува во посета на земјите од Блискиот Исток откако речиси 100 луѓе беа убиени, а повеќе од 200 ранети во Иран од експлозии во близина на гробот на убиениот генерал на Револуционерната гарда. Техеран ги обвини САД и Израел за нападот, додека Вашингтон ги отфрли наводите за вмешаност на двете земји.

Според американскиот Стејт департмент, САД и понатаму се „неверојатно загрижени“ поради ризикот од ширење на војната меѓу Израел и Газа и на други фронтови.

Во меѓувреме, дванаесет држави предводени од САД вчера заеднички ги предупредија јеменските бунтовници Хути за последици доколку веднаш не ги запрат нападите во Црвеното Море кои ја нарушуваат глобалната трговија, јавува Франс-прес.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја опишува оваа изјава како последно предупредување, додавајќи оти се размислува за можни воени напади против Хутите. Изјавата е поддржана и од Велика Британија, Германија и Јапонија.

Членовите на Советот за безбедност на ОН вчера исто така ги повикаа јеменските Хути да ги запрат нападите врз бродовите во Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петнаесет работници лани загинале на работните места

Утре, в недела, на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во паркот на улицата Пандил Шишков во општина Аеродром ќе бидат засадени 15 дрвца, колку што изнесува...