Длабоко сум загрижен за предвиденото проширување на воената операција кон пограничниот град Рафах, каде што засолниште нашле над 1,3 милиони граѓани на Газа, напиша на својот Фејсбук профил министерот за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи дека ова може да доведе до хуманитарна катастрофа, со оглед на фактот дека поради затворената граница со Египет е невозможно да се придвижи понатаму на југ.
„Војната против Хамас не го исклучува почитувањето на меѓународното и хуманитарното право. Цивилите треба да бидат целосно заштитени. Како министер за надворешни работи повикувам на итно враќање на преговорите, што ќе овозможи ослободување на заложниците и ќе го отвори патот за изнаоѓање траен мир“, напиша Османи.
Пред два дена израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на војската да подготви план за евакуација на населението во Рафах, пред очекуваната израелска инвазија на градот на југот на Газа. Рафах е дом на повеќе од половина од 2,3 милиони жители. Во израелските напади дента беа погодени две станбени згради, при што загинаа осум Палестинци, меѓу кои три деца и една жена. Погодена беше и детска градинка која се користи како засолниште за раселените жители во центарот на Газа. Најмалку четири лица загинаа во нападот, соопштија претставници на локалната болница. Околу 30 биле повредени, главно жени и деца. Очевидци изјавиле дека луѓето во засолништето спиеле во моментот на израелскиот напад.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел „ќе ги порази преостанатите терористички баталјони на Хамас во Рафах“. Претставникот на Хамас предупреди дека тоа би значело итно повлекување на палестинската милитантна група од преговорите за прогласување прекин на огнот и ослободување на Израелците што ги држи како заложници.
Ако израелските сили ја спроведат најавената офанзива во Рафах, на самиот југ на појасот Газа, ќе го оневозможи преговарањето за ослободување на заложниците, изјави претставникот на Хамас.