!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОЈО Скопје ги гони тројцата уапсени насилници за нападот врз Села на 27 април


Скопје, 18 октомври, 2017 - 17:12 (META) 

Трите лица уапсени вчера, откако беа препознаени од граѓани, по објавувањето на нивните фотографии на веб-страницата на МВР, Основното јавно обвинителство Скопје ги гони за обидот за убиство на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието од 27 април.

Од Обвинителството денеска соопштија дека ја прошириле истрагата за случајот, а надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судот на тројцата осомничени да им биде одреден притвор.

Триесетдневен притвор судот веќе им одреди на четворица од петте лица што беа уапсени завчера вечерта, исто така осомничени за учество во насилствата во Собранието и за обидот за убиство на Села.


Брза и масовна била помошта од граѓаните за идентификување на тројцата насилници од 27 април


Скопје, 18 октомври, 2017 - 11:45 (META) 

Брза и масовна била реакцијата на граѓаните што помогнале во идентификувањето и во пронаоѓањето на трите лица осомничени за учество во насилствата во Собранието, од 27 април, за кои МВР, по налог на Основното јавно обвинителство Скопје, вчера објави фотографии на својата интернет-страница и побара помош од граѓаните, дознава „Мета“ од извори во истрагата.

Неофицијално, голем број граѓани експресно реагирале по објавувањето на фотографиите, со информации за осомничените лица. Реакции со поддршка имало и преку „Фејсбук“, а голем бил бројот на граѓани кои за кратко време се јавиле на бројот 192 со информации за осомничените, кои, како што дознаваме, се од Скопје.

Тие беа уапсени само неколку часа по објавувањето на фотографиите. Благодарност до совесните граѓаните за помошта во утврдувањето на идентитетот на лицата чии фотографии беа објавени изрази и Јавното обвинителство, кое синоќа соопшти дека трите лица се лишени од слобода.

Фотографиите и повикот до граѓаните за нивно препознавање, како што соопшти Обвинителството, беа објавени во согласност со член 277 од Законот за кривична постапка, по претходно дадено одобрение од Основното јавно обвинителство Скопје и во соработка со Министерството за внатрешни работи.

„Кога е потребно заради утврдување на идентитетот на лицата и предметите или во други случаи од интерес за успешно водење на постапката, правосудната полиција може да го фотографира осомничениот, да земе отпечаток од папиларните линии од прстите и од дланките, да земе биолошки материјал за ДНК-анализа, а по претходно одобрение на јавниот обвинител да ја објави и неговата фотографија. Правосудната полиција може од осомничениот да земе и примероци заради ДНК-анализа, согласно со членот 249 став (3) од овој закон“, стои во членот 277 од ЗКП.

Инаку, ова е можеби првпат Обвинителството да го користи членот 277 од ЗКП, односно преку јавно објавување на фотографии да бара помош од граѓаните за идентификување осомничени лица.


МВР бара помош од граѓаните за пронаоѓање на тројца насилници од 27 април


Скопје, 17 октомври, 2017 - 12:14 (META) 

Министерството за внатрешни работи, по претходно одобрение на јавен обвинител, на својата интернет-страница јавно објави фотографии од три лица кои се бараат во врска со насилствата во Собранието од 27 април годинава.

Од МВР наведуваат дека станува збор за лица кои се важни за постапката.

„Ги повикуваме сите граѓани што имаат какви било сознанија за лицата, за тоа веднаш да ја известат најблиската полициска станица, да пријават на телефонскиот број 192, да ја употребат апликацијата „Пријави сомнително лице“ на официјалната веб-страница на МВР или да пријават во Јавно обвинителство“, стои во соопштението на МВР.

Инаку, вчеравечер, по наредба на јавен обвинител, извршени се претреси и уапсени се пет лица, осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април.


Британија ја прекина размената на разузнавачки податоци со САД


Лондон, 25 мај, 2017 - 11:11 (META) 

Британската полиција ја прекина размената на информации за терористичкиот напад во Манчестер со службите од САД.

Повеќе детали за нападот во Манчестер во кој загинаа 22 лица се појавија во американските медиуми, посебно телевизиите „Ен-би-си“ и „Си-би-ес“, пред британската полиција да ги пушти во британските медиуми.

Освен тоа, американските медиуми објавуваа фотографии кои наводно ја прикажуваат експлозивната направа користена во нападот во Манчестер. „Њујорк тајмс“ објави фотографии кои наводно го прикажуваат можниот детонатор, батеријата и навртките кои биле користени како шрапнели, како и делови од ранецот користен во нападот.

Првобитните процени за загинатите, името на напаѓачот… Сето тоа е објавено преку американските медиуми, врз основа на податоците кои изгледа ги доставиле американските разузнавачки извори.

„Би-би-си“ наведува дека полицијата во Манчестер се надева дека наскоро повторно ќе биде воспоставена нормалната размена на разузнавачките податоци, но дека „во моментов е бесна“.

Странските агенции јавуваат дека британската полиција соопштила дека протекувањето информации за терористичкиот напад во Манчестер ја загрозува истрагата.

Портпаролот на полициската единица за борба против тероризмот рече дека истражителите се „потпреле на довербата“ во партнерите ширум светот, но дека тие „односи и истрагата се загрозени кога довербата е нарушена“.

Британската премиерка Тереза Меј за време на состанокот со претседателот на САД Доналд Трамп на самитот на НАТО во Брисел изрази загриженост поради протекувањето информации, јавува „Гардијан“.

Размена на разузнавачките податоци има меѓу Велика Британија, САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд врз основа на спогодбата наречена „Пет очи“.


Изложба на фотографии на тема „Победата над фашизмот“


Охрид, 8 мај, 2017 - 15:40 (META) 

Денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше отворена изложбата „Победата над фашизмот“, по повод Денот на победата над фашизмот, 9 Мај.

– Преку 30 фотографии е претставен денот на ослободувањето на различни градови низ Европа, во кои учествувала и руската армија. Ова е еден наш придонес во севкупното одбележување и манифестаците кои се одвиваат во Македонија и во светот по повод овој значаен историски датум – рече на отворањето почесниот конзул на Руската Федерација, Велимир Стојковски.

Првиот секретар во Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, Александар Алексеев, рече дека експонатите, фотографирани во време кога не постоела современа технологија, се реален израз на луѓето кои со голема радост ја дочекале слободата.

– А, за оние кои се подготвуваат или имаат намера да го реинкарнираат фашизмот, ова треба да биде знак и јасен сигнал каков крај ќе го дочека таквиот обид да се внесе хаос и немир во светот – подвлече Алексеев.

Организатори на изложбата се Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид и Општина Охрид.


Гутереш ги повика лидерите на земјите да ги спречат заканите за новинарите


Њујорк, 2 мај, 2017 - 19:19 (META) 

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика лидерите на земјите и граѓаните да се спротивстават на дезинформациите и да ги спречат заканите за новинарите секаде во светот.

– Слободата на медиумите ги унапредува мирот и правдата за сите и таа е клучна во борбата против дезинформациите. Потребна е заедничка борба за нашето право на вистината – изјавил Гутереш.

Тој истакнал дека медиумските работници се соочуваат со напади на личноста, сексуално насилство, притвори, па дури и со смрт, појаснувајќи дека заминуваат на најопасните места, за да им дадат глас на тие што го немаат.

– Кога ќе ги заштитиме новинарите, нивните зборови и фотографии ќе можат да го променат нашиот свет – изјавил Гутереш.


Македонците пушат по 18-19 цигари дневно, четврти сме во светот


Скопје, 19 април, 2017 - 13:33 (META) 

Македонија е при врвот на листата од 184 земји според потрошувачката на цигари и се наоѓа на високото четврто место. Според табелата на „Википедија“, пред нас се само Црна Гора, Белорусија и Либан.

Според слободна проценка на директорот на пазар за Македонија, Косово и за Албанија на „Империал тобако“, Кирил Величковски, пак, Македонците пушат по 18-19 цигари дневно.

Но, иако нашата држава е високо на листата на држави каде што најмногу се пуши, потрошувачката на цигари во Македонија од 2013 година бележи пад од два до четири отсто годишно.

Според Величковски, тоа се должи на промената на законската регулатива, ценовните политики, здравствениот аспект и на економската моќ на луѓето.

Овој пад е во рамките на европскиот просек, бидејќи во Европа постои пад на консумацијата на тутун во последните 15 години и тоа помеѓу два и шест отсто.

Врз намалување на пушењето, според Величковски, влијание имала и кампањата со фотографии на пакувањата на цигари, кои укажуваат на штетноста од пушењето.

„Имеприал тобако“ во Македонија постои 15 години, има инвестирано околу 33 милиони евра во осовременување на технолошкиот процес и во иновации. Компанијата е најголем производител на пазарот, при што извезува 42,6 проценти од производството и тоа во Русија и на пет пазари во регионот. За оваа година планирано е само извозот на рускиот пазар да достигне 30 отсто од производството.

Во компанијата се произведуваат шест брендови цигари за домашниот пазар со 60-процентен пазарен удел.


ДИК: Изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите


Скопје, 5 декември, 2016 - 13:37 (META) 

Државната изборна комисија денеска соопшти дека се преземени сите потребни законски мерки за почитување на сите рокови за спроведување на изборните дејства, како и техничко-организациски мерки за спречување на евентуалните неправилности во процесот.

– Гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење, заедно со другиот доверлив изборен материјал, кој до општинските изборни комисии ќе се достави во согласност со рокот предвиден во Изборниот законик – соопшти Љупка Гугучевска од ДИК.

Од Комисијата истакнаа дека првпат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите.

– Фотографиите се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите, а истите ќе послужат за полесно идентификување на гласачите, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби – рече Гугучевска.

Од ДИК соопштија дека утре е последниот рок до кога сите организации, домашни и странски, кои се заинтересирани и сакаат да го набљудуваат изборниот процес, треба да поднесат барање за овластување.

Комисијата ги повика изборните органи, државната и јавната администрација да се воздржуваат од каква било партиска активност сè до завршување на изборниот процес и истовремено ги охрабрува да не се плашат од евентуалните притисоци кои можат да доаѓаат од нивните претпоставени и истите да ги пријават.

– Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално пружаат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребуваат правото на слободно, независно и демократско гласање. Сите гласачи на кои во која било фаза од изборниот процес им е повредено личното избирачко право, можат да поднесат приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по сторената повреда. ДИК е должна по секој приговор од гласачите да донесе одлука во рок од 4 часа по приемот – рече Гугучевска и додаде дека од почетокот на изборната кампања има отворено бесплатна телефонска линија за граѓаните (0800 555 44), на која граѓаните можат да ги пријават евентуалните нерегуларности.


На хуманитарната изложба собрани околу 3.000 евра за поплавените граѓани


Скопје, 10 август, 2016 - 10:31 (META) 

Уметниците и дизајнерите собраа 178.425 денари (2.925 евра) на хуманитарната изложба која синоќа се одржа во кафулето „Концепт 37“, објавија организаторите на акцијата на нивниот профил на „Фејсбук“.

На изложбата се продаваа слики, фотографии, книги, цртежи, накит, модни креации, а продажбата продолжува и денеска.

Средствата ќе бидат наменети за поплавените граѓани.

 


Вечерва изложба „Спомени од Чешка“ на охриѓанецот Никола Павлески


Охрид, 12 март, 2016 - 13:21 (META) 

Вечерва, од 19 часот, во Културно-информативниот центар „Култура 365“ во Охрид, ќе биде отворена изложбата на фотографии, со наслов „Спомени од Чешка“, на охриѓанецот Никола Павлески.

Сè до 18 март изложени ќе бидат фотографии со мотиви од културното наследство и од секојдневието на Република Чешка.

Никола Павлески своите фотографии на разни теми ги има изложено во Македонија и во други земји, а некои се објавувани и во разни публикации.

Најновата изложба е плод на неговата неодамнешна посета на Република Чешка, каде изложуваше фотографии од Македонија.