Твитер ќе остранува фотографии и видеа твитнати без согласност

Фото: Claudio Schwarz | @purzlbaum на Unsplash

Твитер објави дека ќе се отстрануваат фотографии и видеа од приватни лица кои се публикувани на оваа социјална мрежа без дозвола на оние што се наоѓаат на нив, јавува Би-Би-Си. Ваквиот потег ќе се преземе доколку корисниците побараат да бидат отстранети вакви фотографии и видеа.

Новото правило се надоврзува за политиките за забрана на објавување приватни информации, како што се домашни адреси без согласност од лицата.

Од Твитер сепак соопштија дека ќе ги разгледуваат барањата за отстранување на видеа и фотографии пред истите да се тргнат од објавените твитови, како би го утврдиле контекстот во кој се публикувани ваквите содржини.

Критичарите пак укажуваат дека новото правило на Твитер е премногу широко и може да биде употребено за намерно задушување на слободата на изразување на оваа социјална мрежа.

Од Твитер појаснуваат дека пред отстранувањето на сликите или видеата дека тие мора да бидат известени од поединците кои се засегнати или од нивен овластен претставник дека не се согласуваат да се споделува нивната приватна слика или видео.