Во четврток во Прилеп ќе се отвори изложбата „И јас сум тука“

Извор: ЦК Марко Цепенков-Прилеп

Изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ ќе биде отворена на 15 октомври (четврток) од 19 часот во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, информираат од прилепскиот Центар за култура. Притоа, ќе бидат промовирани и книгата „И јас сум тука“, во која се сместени сите приказни на луѓето-учесници на изложбата, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска. Ќе има и проекција на филмот МОДНА РЕВИЈА: ОД „ГЛАДА ХУДИК“ ДО ЊУЈОРК.

Изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ е на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска и истата вклучува 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив.

„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени преку активности реализирани во училиштата.

„И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“, велат авторите на изложбата.

Основач на проектот е театарскиот режисер, продуцент, сценарист Пер Јохансон.

Документарниот филм „Модна ревија: Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског е популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк.

Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског. Улогите ги толкуваат: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон и др.