Фотографска изложба на Милчо Манчевски во Бургас

Фото: Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија

По успешното претставување на изложбата „Таму“ на Милчо Манчевски во Софија, на 15 октомври (петок) 2021 истата ќе биде поставена и во Бургас, во Центарот за современа уметност и библиотека, информираат од Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија.

„Колор делата на тема улична фотографија, на светски познатиот режисер Милчо Манчевски, ќе бидат достапни за публиката до 31 октомври. Реализацијата на оваа изложба е плод на успешна соработка меѓу Културно-информативниот центар на РСМ во Софија и Општина Бургас,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека, изложбата „Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Милчо Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“.

„Како уметник кој работи и со филм и со фотографија, пристапот на Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и го избегнува конвенционалното. Неговото рано завлегување во концептуалната уметност продолжува да се отсликува во неговите дела во различни медиуми, а наследството на историската авангарда провејува низ многу од сликите поместени во ‘Таму’“, се вели во предговорот на Конор Мекгрејди, во книгата „Таму“.

Милчо Манчевски е автор на филмовите „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), „Бикини Мун“ (2017) и „Врба“ (2019), како и на кусометражните „без наслов“ (1982), „1.73“ (1985), „Четврток“ (2013), „Крајот на времето“ (2017) и други.

Манчевски имал повеќе групни и две самостојни изложби на фотографии, „Улица“ (1999) и „Пет капки сон“ (2011) во Музејот на современата уметност, Скопје. Тие се потоа изложени и во Њујорк, Москва, Шангај, Стокхолм, Турција, Хрватска, Србија, Бугарија, Холандија, Италија, Јапонија, Романија, Полска, Грција, Франција, Доминиканска Република, Словенија итн.