Изложбата на фотографот Иван Блажев „Сето време е сето време“ поставена во Кинотека

Фото: Мета.мк

Во Галеријата на Кинотеката на Македонија синоќа беше поставена изложбата на фотографии „Сето време е сето време“ на фотографот Иван Блажев. Оваа изложба е заокружување на истоимениот циклус фотографии снимени во Дрезден во 2018 и 2020 година.

Првично, избор од фотографиите беше прикажан во Скопје на изложбата „Дрезден: време/простор/лица“, како заедничко претставување на Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман во 2019 година, а потоа и во Дрезден во 2020 година.

Фото: Мета.мк

Лани, како самостоен проект во проширена форма беше прикажан во Белград, за сега повторно да се врати во Скопје, во досега најекстензивен изложбен формат придружен и со фото-книга, во која сликата и текстот се во коегзистенција.

Носечката тема на оваа изложба е градот Дрезден, но не само како лични, авторски, фотографски погледи на градот, туку и нивно преиспитување и постојано вкрстување со раскажаното низ текстот и избраните цитати од книгата „Кланица 5“ на Курт Вонегут.