Фото приказна: 2021 година претставена преку објективот на дел од македонските фотографи

Фото: Ailbhe Flynn on Unsplash

Кон крајот на првиот месец од новата година правиме фотографска сторија заедно со повеќе фотографи од земјава кои учествуваат со по една своја фотографија што за нив ја претставува годината 2021. Секоја од фотографиите опишува различни животи на различни луѓе направени во различни моменти што за миг пренесуваат заедничка смисла кон годината што измина.

По ублажувањето на ситуацијата со вирусот, односно по привикнувањето на условите на живот во пандемија во 2020 година, 2021 беше година на промени, обнова и преобразба која полека започна да ни посочува дека светот можеби засекогаш се менува.

Минатата година го засили чувството на копнеж да се излезе од дома, да се биде меѓу луѓе, нѐ научи како повеќе да се сакаме меѓу себе, но и како повеќе да ја почитуваме сопствената личност, ни покажа колку вреди човечкиот живот и дека сигурноста постои денес, а веќе утре сѐ се менува.

Сите фотографии се објавени со дозвола на авторите.

1. Тоше Огњанов

„Станува збор за фотографија направена летото во Малешевијата, над пехчевското село Робово (чинам) за време на борбата со огнената стихија. Мештаните, со единственото орудие што го имаа при рака, гранки, лопати, гребла тргнаа во борба со огнот што почна брзо да доаѓа накај селото. Од густиот чад, огнот дури и не можеше да се види“, вели Тоше Огњанов за својата фотографија „Кон битката со огнот“.

2. Јани Патче

„Природата, замоците и историјата се на едно место и во една фотографија во Блед, Словенија. Ова е поголем печат на малата екскурзија што ја имавме со пријатлите во миговите пред да дојде Новата година“, вели фотографот Јани Патче за својата фотографија насловена како „Езерска елка“.

3. Елена Трпчевска

„Ведри и љубопитни очи – искра која надеж носи, пред нив мудра душа кон залезот што чекори”, вели Елена Трпчевска.

4. Драги Неделчевски

„2021 година, како втората година од пандемијата, од изолацијата, сепак, (за мене), ја обележа оваа фотографија. Има нешто парадоксално во неа. Мане, мојот син, кој боледува од церебрална парализа и кој веќе 27 години се наоѓа во изолација, затворен дома, лани во септември 2021 година сепак излезе од дома. Со Оливера, мојата сопруга и Мане отидовме кај едни наши пријатели на нивниот плац. Времето беше топло, градот беше мирен и тивок (изолација!), и ние си поминавме убаво попладне. Убавиот воздух го зашемети Мане и тој слатко си заспа во градината. А, кутрето Буба беше цело време до него, додека тој слатко спиеше, Буба го чуваше. Оваа фотографија е есенција на љубов, на нешто убаво, во генереално, неубавата 2021 година“, вели Драги Неделчевски.

5. Ана Андонова

„Портрет на убавата млада уметничка која има уште поубаво име со експресија на лице преку кое можеме да ја видиме нејзината автентичност“, вели Ана Андонова за „Емануела“.

6. Стефан Соколовски, Badstef

„Во позиција на соочување со многу избори и одлуки“ – Badstef за фотографијата „Torn in between“.

7. Зоран Андонов

„Фотографијата е снимена на 8-ми септември кога зе запали модуларната ковид болница во Тетово“, вели фоторгафот Зоран Андонов.

8. Катерина Николовска, Kejtz

Оваа фотографија авторката ја насловува како „Прв лет кон мојот свет.

9. Софи и Ангела, Frozen Time Drops

„Фотографијата ‘Небесно сино плутање и преку немирните бранови’ е дел од кампањата која ја работевме за Ohrid Beach Film Festival, кој се одржува на плажите во Охрид во јули. Приказната која сакавме да ја раскажеме е дека животот треба да се ужива… Поучени од последните две години, секој момент ни е посебен. Едноставно сакаме да се трудиме повеќе да уживаме и да истражуваме, дека имаме сила и објективно „лошите“ работи да ги преведеме во нешто поблаго за нас. Пливај и во бура, со портокали. Планирај, непланирано. Биди љубопитен. Фати го сонцето. И ќе се насмееш“, велат Софи и Ангела.