Судењето за „Траекторија“ продолжува на 4 септември


Скопје, 12 јули, 2018 - 14:35 (META) 

Со преслушување на уште 20-тина „бомби“, приложени како доказ, денеска се одржа уште едно рочиште од случајот „Траекторија“, односно за изградбата на автопатите Кичево -Охрид и Миладиновци -Штип со кинески кредити, во кој обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот вице премиер Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Следното рочиште ќе се одржи на 4 септември.

Досега се преслушани околу 300 разговори, а денеска се слушаа бомби од преговорите за апликацијата за кредит од Кина од период февруари 2013 година.

Во сите разговори се слуша гласот на поранешниот министер за транспoрт и врски Миле Јанакиески со соговорници, во кои се договара кои македонски компании да учествуваат во изградбата на патот.

– Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на „Синохидро“. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки – рече обвинителката Лиле Стефанова.