Фото: Мета.мк

Турско-македонски конзорциум составен од компанијата „Аселсан“ од Анкара и „Жикол“ од Струмица го добија тендерот за воведување на електронска наплата на патарина на автопатските делници долж Коридорот 8, како и на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, е наведено во резултатите од меѓународниот тендер објавени од ЕБОР. Договорот со Јавното претпријатие за државни патишта треба да се потпише на крајот од декември, а рокот за реализација на проектот е 24 месеци.

Турците го спроведоа електронското плаќање на патарина со М-Таг и М-Смарт картички и на Коридорот 10, а во иднина ќе ја имаат идентичната задача и на наплатните станици „Миладиновци“, „Глумово“, „Желино“, „Тетово“ и „Гостивар“ на Коридорот 8. Воедно, со договорот вреден речиси 12,5 милиони евра ќе треба да се изградат наплатните станици „Кадрифаково“ и „Преод“ на автопатот Миладиновци-Штип, како и „Арбиново“ на автопатот Кичево-Охрид. Средствата за овој проект се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Електронската наплата на патарина започна на почетокот од јули 2019 година, но само на Коридорот 10. Од ЈП за државни патишта веќе напоменаа дека постојните електронски смарт картички и тагови ќе можат да се користат во иднина и за плаќање на овој надоместок на сите наплатни станици во земјава. Со воведување на електронските уреди, граѓаните на сите автопатски делници ќе можат да остварат попусти од 2 до 7 отсто на цените за патарина, во зависност од висината на надополнување на М-Таг и М-Смарт картичката.

Од воведувањето на електронското плаќање на овој надоместок до крајот на септември годинава, продадени се речиси 20.000 М-Таг и М-Смарт картички на возачите во земјава. Само во периодот јули-септември 2020 година, остварен бил промет од продажба на електронски уреди и надополнувања на истите во висина од 709.730 евра. Во овој период, продадени се вкупно 1.863 електронски уреди, или поединечно 1.280 М-Смарт картички и 583 М-Таг уреди.