Јавното претпријатие за државни патишта од патарините лани имало приходи во висина 33.782.331 евра, што е за над 10,5 милиони евра помалку во споредба со 2019 година. Корона кризата удри силно врз остварениот прилив на средства по надоместокот за користење на македонските автопати, а најизразено намалување на приходите може да се забележи во вториот квартал (периодот на полициските часови) и третиот квартал, кога изостанаа транзитните возила во летниот период и посетителите на земјава.

„Во врска со прашањето за очекувањата за 2021 година, можеме само да
кажеме дека во голема мерка сè ќе зависи и главна улога ќе игра состојбата со пандемијата на ковид-19, отвореноста на границите со што ќе се овозможи и транзит на туристи и странски патници“, велат за „Мета.мк“ од Јавното претпријатие за државни патишта.

Во последниот квартал од 2020 година, од наплата на патарина остварени се приходи од 9.450.544 евра, при што овој надоместок во периодот октомври-декември е наплатен од 8.463.639 возила.

За период на целата 2020 година, ЈП за државни патишта наплатило 6.617 VT билети, односно остварен е промет од 19.125 евра од билети за неплатена патарина.

Во изминативе 12 месеци, продадени се 4.874 електронски СМАРТ картички и 2.884 МТАГови, вкупно 7.758 уреди за електронско плаќање патарина, при што остварен е промет од 64.198 евра.

Од воведувањето на електронската наплата на патарина, продадени се вкупно 21.465 електронски уреди. Од надополнувањата на таговите и картичките, во 2020 година биле собрани приходи од 4.558.661 евра. Севкупно, од електронската наплата на патарини лани имало вкупен промет од 4.641.985 евра.

Инаку, ЈП за државни патишта во претстојниве месеци ќе работи на воведување на електронска наплата на патарина и на наплатните станици долж Коридорот 8. Со електронските уреди во иднина ќе може да се плаќа и на патарините од автопатот Скопје-Тетово-Гостивар, како и на наплатната станица „Миладиновци“.

Дополнително, по повеќе од една и пол година бесплатно возење, следниот месец ќе започне изградбата на двете наплатни станици на автопатот Миладиновци-Штип. Новата наплатна станица „Преод“ ќе служи за наплата на надоместокот за користење на автопатот меѓу Миладиновци и Свети Николе, а за автомобили патарината ќе чини 70 денари во еден правец. Втората наплатна станица „Кадрифаково“ ќе чини 50 денари по правец за автомобилите, а на неа ќе се собира надоместокот за користење на делницата меѓу Свети Николе и Штип.

Турско-македонски конзорциум составен од компанијата „Аселсан“ од Анкара и „Жикол“ од Струмица го добија тендерот за воведување на електронска наплата на патарина на автопатските делници долж Коридорот 8 и за изведба на двете нови патарини, а договорот е вреден речиси 12,5 милиони евра.

Штом биде завршен автопатот Кичево-Охрид, со овој договор е предвидено да се изгради наплатната станица „Арбиново“, на која ќе се наплаќа за целата должина на идниот автопат меѓу Кичево и Охрид.