fbpx

Повеќе од една година автопатот Миладиновци-Штип е единствен во земјава на кој не се наплаќа патарина

-

Автопатот Миладиновци-Штип е единствениот пат од највисока категорија во земјава на кој повеќе од една година не се наплаќа патарина од возачите. И покрај тоа што беше отворен за сообраќај на 5 јуни, а официјално пуштен во употреба на 6 јули 2019 година, до денешен ден на оваа автопатска делница долга 47 километри не профункционира ниту една од двете предвидени патарини „Кадрифаково“ и „Преод“. Во меѓувреме, возачите кои ги користат останатите автопати во земјава на Коридорите 8 и 10 се приморани да плаќаат патарина, иако некои делници како онаа меѓу Тетово и Гостивар се преполни со дупки и се зрели за реконструкција.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ информираат дека се чека на завршување на тендерската постапка, како би почнала изведбата на двете патарини на најновиот автопат во земјава.

– Тендерската постапка е поделена во две фази. Притоа, информираме дека првата фаза од постапката е при самиот крај. По завршувањето на првата фаза ЈПДП ќе отпочне со втората фаза од тендерската постапка. Откако ќе заврши тендерската постапка и по потпишување на договор со најповолниот изведувач, во период од 6 месеци треба да се изградат новите наплатни станици и да се отпочне со нивно пуштање во употреба – велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Ова практично значи дека на автопатот Миладиновци-Штип двете наплатни рампи би профункционирале во 2021 година. Цената по која ќе се наплаќа надоместокот за користење на овој патен правец веќе е определена. На наплатната станица „Преод“, за користење на делницата од Миладиновци до Свети Николе, автомобилите ќе плаќаат по 70 денари во еден правец. На втората наплатна станица „Кадрифаково“, меѓу Свети Николе и Штип, патарината за автомобили ќе чини 50 денари во еден правец.

Инаку, изградбата на двете патарини на автопатот Миладиновци-Штип е дел од тендерот вреден 13,7 милиони евра, којшто се финансира со кредит од Европската банка за обнова и развој. Со него треба да се воведе и електронската наплата на патарина на автопатите долж Коридорот 8, од Скопје до Гостивар, како и изградбата на наплатната станица „Арбиново“ на идниот автопат Кичево-Охрид.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека тендерот за воведување на електронска наплата на автопатите Скопје-Тетово-Гостивар е во тек. По потпишувањето на договорот со најповолниот изведувач на работите, во период од 9 месеци треба да заврши реконструкцијата на наплатните станици. Во моментов, електронската наплата функционира единствено на патарините долж Коридорот 10, а со проектот на возачите во иднина ќе им се овозможи да плаќаат со М-Таг и М-кард уредите на наплатните станици „Миладиновци“, „Глумово“, „Желино“, „Тетово“ и „Гостивар“.

Инаку, од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека во проектите за изградба на експресните патишта не е предвидено да се воведе наплата на патарина. Ова практично значи дека користењето на експресните патишта Штип-Кочани, Штип-Радовиш, Ранковце-Крива Паланка и Градско-Прилеп ќе биде бесплатно за граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Објавен прирачник за употреба на вештачка интелигенција во новинарството

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) промовираше Прирачник за едукатори по Новинарство: Известување за Вештачка Интелигенција издаден од УНЕСКО, а објавен на македонски и на албански јазик....