Поради снегот дел од автобуските линии во Скопје се скратени или во прекин


Скопје, 26 февруари, 2018 - 10:40 (META) 

Поради снегот денеска во Скопје повеќе градски и приградски автобуски линии се скратени. Не сообраќа автобусот до Нерези (Македонско село) и приградските линии 64, 80, 80а и 180.

Како што соопшти ЈСП „Скопје“, автобусот со број 3 место до „Панорама“ сообраќа до Клинички центар, а 16 место до Пржино сообраќа до црквата „Св. Петка“. Автобусот со број 24 сообраќа само до Кисела Вода.

Од приградските линии, автобусите со број 58, 58а и 58б место до селата во општина Сопиште сообраќаат до Кисела Вода.

Автобусот со број 164 сообраќа до Орман, 160 до Шишево, 81 до Чучер, 74 до Драчево, а 73 до фабриката Усје. Автобусите со број 11 и 11а место до Рашче и Горно Свиларе сообраќаат до рампата пред селото, автобусот со број 32 сообраќа до Сарај, 47 до Радишани, а 47а до Љуботенски пат.

Автобусите со број 51 и 51а сообраќаат до крстосницата пред селото Студеничани, 53 оди само до село Катланово, 55 сообраќа до мостот пред Арачиново, а 55а место до Брњарци до крстосницата.

Автобусот со број 61 место до селото Побожје сообраќаа до Каменоломот, 63а оди до Бунарџик, 64а до Орман, а 65 и 65б до Црешево. Автобусот со број 65а место до Страчинци сообраќа до гробиштата, 68 до Ржаничино, а 70 место до Батинци, сообраќа до главниот пат до вториот мост.

Од ЈСП „Скопје“ информираат дека контактираат со Зимската служба на Град Скопје и во зависност од временските услови се очекува поголем дел од овие линии нормално да сообраќаат.


Тролејбусите во Белград ќе одат во пензија


Белград, 15 февруари, 2018 - 15:19 (META) 

Град Белград планира до крајот на оваа година да купи уште 60 електроавтобуси и да почне да ги „пензионира“ тролејбусите, вели Угљеша Митовиќ, секретар за јавен градски превоз. Во главниот град на Србија сега кинески електроавтобуси сообраќаат на линијата Е1, од споменикот на Вук Стефановиќ – Караџиќ до Делта Сити.

Како што известува српскиот весник „Вечерње новости“ предноста на електроавтобусите, покрај тоа што не го загадуваат воздухот, е што се пет пати енергетски поефикасни од класичните автобуси, а речиси и не се расипуваат, за разлика од обичните, на кои често им се случуваат дефекти. Електроавтобусите се подобри за градот и поради тоа што не може да дојде до застој, за разлика од сегашната состојба со тролејбусите, кога ако еден се расипе, сите други на таа линија мора да чекаат, вели градскиот секретар на Белград за јавен градски превоз.


Шилегов: Градскиот превоз ќе биде бесплатен се до намалување на загадувањето


Скопје, 8 јануари, 2018 - 13:43 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска соопшти дека градскиот автобуски превоз ќе биде бесплатен се до намалување на загадувањето.

Тој соопшти дека како дел од вонредните мерки што Град Скопје ги воведува за да се намали загадувањето ќе биде и прекинот на сите градежни активности на градилиштата, интензивно миење на градските улици, зајакнати инспекциски надзори како и ограничувањето на обуките на автошколите.

Шилегов апелираше да не се користат возилата без потреба и граѓаните да се организираат и да користат заеднички превоз, но и за затоплување да не се користат отпадни материјали, туку само суво дрво.

-Борбата против аерозагадувањето бара поголема вклученост од сите нас, бидејќи сите го дишеме истиот воздух – рече Шилегов.

Тој информираше дека автобусите во наредниот период, се додека се на сила вонредните мерки за намалување на загадувањето, ќе сообраќаат зачестено, а превозот ќе биде бесплатен.


Од денеска јавниот превоз во Скопје е бесплатен


Скопје, 27 декември, 2017 - 15:01 (META) 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов објави мерки за намалување на загадувањето на воздухот, меѓу кои е и бесплатен превоз со автобусите на ЈСП и на приватните превозници почнувајќи од денеска, како и прекин на градежните активности на градилиштата под надлежност на Град Скопје. Истовремено, ќе се ограничи обуката од автошколите, а ќе се врши и засилен надзор над капацитетите што загадуваат.

За престанокот на мерката за бесплатен јавен превоз, јавноста ќе биде дополнително информирана.

– Ги повикувам сите градоначалници од Скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на јавниот транспорт за полесно да ја поднесеме новонастанатата ситуација – рече градоначалникот Шилегов.

Тој ги повика сите градоначалници од општините на подрачјето на Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност. Истовремено објасни дека инспекцискиот надзор во изминатите денови покажал дека ниту еден капацитет под надлежност на градот не испушта повеќе загадувачки материи од максимално дозволените концентрации.

– Градот Скопје ја интензивираше контролата и на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади. Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.234 контроли и изрекоа 25 казни на компании заради непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота. Го задолжувам и ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност – нагласи Шилегов.

Скопскиот градоначалник апелираше вработените во градската управа да доаѓаат на работа со автобусите од јавниот превоз, а службените возила ќе се користат исклучиво за Инспекторатот на Град Скопје.

Шилегов денеска даде препораки и до граѓаните.

– Апелирам до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот – нагласи Шилегов.


Од утре задолжително носење зимска опрема во возилата


Скопје, 14 ноември, 2017 - 10:45 (META) 

Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата стапува на сила утре и ќе трае до 15 март 2018 година. Доколку возилото во сообраќај не ја поседува пропишаната опрема, возачот може да добие казна од 45 евра во денарска противвредност или 25 негативни поени во возачката книшка.

За моторните возила до 3.500 килограми задолжителна опрема се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, а ако имаат летни гуми со четири милиметри, обврзани се да поседуваат синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.

Задолжителна зимска опрема за моторни возила со погон на сите тркала (4×4), пак, се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри или летни пневматици со минимална длабочина од четири милиметри доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.

За моторни возила со над 3.500 килограми задолжителни се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри, а ако има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, треба да има и соодветни синџири за снег.

Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.

На бочната страна на зимските пневматици ги има ознаките „МС“, „М+С“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Забрането е поставување пневматици со клинци.


За дивеењето на Бит-пазар, во полиција повикани малолетници и тројца возрасни


Скопје, 20 октомври, 2017 - 15:59 (META) 

Заради расчистување на вчерашното дивеење на булеварот Крсте Мисирков во Скопје, близу Битпазар, полицијата повикала седум малолетници и тројца возрасни на разговор во полициската станица „Битпазар“.

Како што соопштува МВР, во инцидентот во кој повреди добиле три лица, кои побарале лекарска помош во Ургентен центар и по интервенцијата биле пуштени на домашно лекување, учествувале голем број лица. Во полициска станица се повикани 10 лица, од кои седум малолетници и тројца возрасни, меѓу кои и возачот на двокатниот автобус кој соообраќал на линијата 50.


Тројца повредени во тепачка меѓу две групи кај Бит-пазар


Скопје, 20 октомври, 2017 - 0:01 (META) 

Две групи вечерва предизвикале инцидент кај Бит-пазар, во кој, според полициски информации, повредени се три лица, а оштетени се и два автобуси.

Од МВР не ги соопштуваат причините за инцидентот, а дел од медиумите објавија дека тој бил предизвикан од навивачи кои се враќале од фудбалскиот натпревар меѓу Вардар и Реал Сосиедад (0:6).

Како што соопшти МВР, вечерва околу 21 часот било пријавено дека на булеварот Крсте Мисирков на автобуска постојка во автобус со број 50 на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, од страна на повеќе лица бил нарушен јавниот ред и мир, а биле нападнати и патници кои биле внатре во автобусот.

Инцидентот почнал на горниот кат од автобусот, каде што настанала тепачка, која потоа продолжила и на долниот кат. Едно од лицата што учествувало во тепачката го фатило воланот на возачот, по што автобусот удрил во друг автобус со број 20.

Откако биле отворени вратите од автобусот, физичката пресметка продолжиле на постојката, а по интервенцијата на полицијата, лицата се разбегале во различни правци.

Во инцидентот повредени се три лица, кои со возила на итна медицинска помош се префрлени во Ургентниот центар.

Засега, како што информира МВР, е приведено едно лице со иницијали Р.Б. и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и за идентификување на сите учесници во насилството.


Коце Трајановски вети 20 електрични автобуси


Скопје, 3 октомври, 2017 - 14:46 (META) 

Актуелниот градоначалник на град Скопје и кандидат за оваа функција на престојаните локални избори, Коце Трајановски, денеска на прес-конференција најави дека доколку повторно ја добие функцијата, ќе набави 20 нови двојни електрични автобуси што не го загадуваат воздухот.

– Предвидуваме неколку мерки за модернизација на возилата на сите кои учествуваат во системот на јавниот сообраќаен превоз во Скопје. Првата мерка е набавка на 20 нови двојни (хармоника) електрични автобуси, кои се еколошки и не го загадуваат воздухот. Со втората мерка, првпат ќе ги вклучиме и приватните превозници во автобускиот сообраќај и ќе доделуваме до 10.000 евра за купување автобуси со стандард „еуро 5“ и „еуро 6“ или за поставување уреди на гас во автобусите. Со третата мерка ги опфаќаме и автотакси-превозниците во Скопје, на кои ќе им доделуваме субвенции во износ до 3.000 евра за купување електрични возила – рече Трајановски.

Тој додаде дека со реализацијата на овие проекти ќе се добие нов модерен јавен превоз, кој е еколошки и не го загадува воздухот, а со тоа и директно ќе се влијае во насока на намалување на загадувањето на воздухот.


Фабриката „Санос“ произведе автобуси за извоз во Казахстан


Скопје, 19 јули, 2017 - 17:47 (META) 

Фабриката за автобуси „Санос“ произведе пет автобуси за извоз во Казахстан, а вредноста на зделката изнесува 800.000 евра, информираа денеска од компанијата.

Автобусите се целосно произведени во фабриката во Скопје, со вградени агрегати на германската компанија „Ман“. Од „Санос“ исто така информираа дека планирано е во Казахстан да бидат испорачани 70 автобуси.

Фабриката „Санос“, поранешен ФАС „11 Октомври“, ја купи бизнисменот Славе Распашковски во 2004 година и оттогаш до денес, успеа да ја рестартира.

Денеска фабриката ја посети и премиерот Зоран Заев, кој уште еднаш ја нагласи поддршката на Владата за македонските компании, за да можат да произведуваат и да извезуваат.


СДСМ Аеродром и Општина Аеродром се расправаат за „бесплатното“ рекламирање


Скопје, 12 јули, 2017 - 16:09 (META) 

Со остра реакција за рекламирањето на Општина Аеродром во медиумите, на билборди и на автобуси на ЈСП „Скопје“ се огласи општинската организација на СДСМ во општина Аеродром, прашувајќи „зошто се трошат народни пари за рекламирање општина“ или, ако навистина рекламирањето е бесплатно, зошто и со што ги задолжила Општината медиумите и огласувачите да го даваат рекламниот простор бесплатно.

– Повеќе од еден месец гледаме реклами на ТВ, радио, на „Фејсбук“, автобуси, билборди, во кои Ивица Коневски се промовира себеси. Во период кога централната власт крати на трошоци за рекламирање, Коневски продолжува да фрла пари на скапи реклами, како што ВМРО-ДПМНЕ правеше повеќе од десет години. Коневски вели дека овие реклами се бесплатни. Тоа значи дека бесплатно ги снимаат, бесплатно ги пуштаат на ТВ, бесплатно ги лепат на автобуси, можеби дури и бесплатно ги објавува на „Фејсбук“. Ако е така, се поставува прашањето зошто толку фирми и медиуми бесплатно работат за Коневски и со што ги има задолжено? – праша на прес-конференција Златко Марин, претседател на општинската организација на СДСМ во Аеродром.

Општина Аеродром реагираше прашувајќи зошто на СДСМ му пречи Општината да се пофали со реализираното. Нагласи дека целото рекламирање е бесплатно, оти медиумите донирале, а рекламирањето на „Фејсбук“ на градоначалникот Ивица Коневски е од негов џеб.