Вработените во ЈСП повторно без плата, Скопје утре повторно без јавен превоз

Според одлуката на Синдикатот на ЈСП, од утре од 4:30 часот изутрина автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ќе останат во гаражите, а нема да работат ниту билетарниците

Фото: Архива на Мета.мк

Утре Скопје повторно останува без јавен превоз. Претседателот на синдикатот Миќо Стојановски, вели дека вработените сè уште не ги добиле јануарските плати заклучно со 15-ти во месецот, според законскиот рок.

Тој им се извини на патниците кои нема да може да ги користат услугите на јавниот превоз,и не прецизираше до кога ќе трае штрајкот.

„Чекавме до 14:30 часот кога е последниот миг да се префрлат парите во ЈСП и да легнат на сметката на вработените, но тоа не се случи. Не се договоривме така со градоначалничката и со директорот. Советот на Град Скопје ја заврши својата работа, ја донесе одлуката за субвенции на ЈСП. Остана сега уште парите да се префрлат и платата да си биде во редовен рок“, изјави Стојановски на прес-конференција.

Според одлуката на Синдикатот на ЈСП, од утре од 4:30 часот изутрина автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ќе останат во гаражите, а нема да работат ниту билетарниците.

Вработените во ЈСП штрајкуваа и претходниот месец, бидејќи немаат земено плата за месец декември. Дента во главниот град настана сообраќаен хаос, до такси возила беше речиси невозможно да се дојде, а се жалеа и студентите кои имаат испити и колоквиуми.

По целодневно натегање меѓу советниците во Град Скопје, попладнето сепак беа усвоени субвенциите од 11 милиони евра за ЈСП Скопје. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се противеше на одлуката, со образложение дека не може постојано да се даваат пари, а да не се релизираат одлуките, да не се доставуваат комплетни финансиски извештаи и луѓето да немаат редовен јавен превоз.

Субвенциите за ЈСП изгласани, автобусите се враќаат на улиците