fbpx

Автобусот „19“ се чека со часови: Граѓаните револтирани, возачите се жалат дека ЈСП не им плаќа

И покрај тоа што автобуската линија 19 во времето кога граѓаните одат и доаѓаат од работа, според официјалниот распоред треба да сообраќа на 7-8 минути, автобусот доаѓа за половина час или за еден час, а понекогаш и воопшто го нема. Револтирани граѓани за Порталб.мк велат дека секојдневно ја плаќаат цената на неспособноста на локалните власти на Скопје да го средат елементарното прашање за јавниот превоз

-

Граѓаните на Шуто Оризари, но и некои делови на Чаир се соочуваат со сериозен недостиг на автобуси и се во невозможност да ги извршуваат своите секојдневни обврски. Автобуската линија број 19, која сообраќа од Шуто Оризари преку Чаир, Центар до Карпош и обратно, и понатаму е една од најнередовните линии и поради ова, граѓаните се принудени или да чекаат со часови или да поминат две до три други автобуски линии за да стигнат до посакуваната дестинација, пишува Порталб.мк. 

И покрај тоа што автобуската линија 19 во времето кога граѓаните одат и доаѓаат од работа, според официјалниот распоред на ЈСП треба да сообраќа на 7-8 минути, автобусот доаѓа за половина час или за еден час, а понекогаш и воопшто го нема. Револтирани граѓани за Порталб.мк велат дека секојдневно ја плаќаат цената на неспособноста на локалните власти на Скопје да го средат елементарното прашање за јавниот превоз. Корисниците на линијата 19 велат дека автобуси има малку, а и кога ќе дојдат, се преполни.

Поради недостиг на автобус, граѓанин за Порталб, вели дека ќе биде принуден да го смени работното место.

„Живеам во Шутка, работам во Куманово, но до Бит Пазар треба да одам со автобус и потоа имам обезбеден превоз за до Куманово. Но, како да одам од Шутка до Бит Пазар? Како што можете да видите, нема автобуси. Секој ден излегувам од дома во 5:30 сабајле, а сега е 5:30 попладне и уште талкам по улиците за да најдам автобус за да се вратам дома. Принуден сум да го сменам работното место“, објаснува граѓанин кој што чекаше 19-ка на станицата во Бит Пазар.

Недостигот од автобуси го потврдуваат и превозниците од линијата 19, кои велат дека граѓаните имаат право да се жалат, но ЈСП не ги подмирува обврските кон нив за услугата.

„Неделава два дена по ред возеше само еден автобус 19, бидејќи превозниците не добиле пари и не излегуваат да возат. Главниот проблем е тоа што сè поскапе, а ние останавме со стари цени. Но, и тие малку пари не ни ги даваат како што треба. Три и пол месеци сме во минус. Работиш, а не ти ги даваат парите на време“, вели за Порталб.мк сопственик на автобус кој вози линија 19, а побара да остане анонимен.

Друг сопственик на автобус, кој исто така сообраќа на релација 19, вели дека треба секој ден да дава по 5.000 денари за дизел, но повеќе од 4 месеци не земал никакви средства од ЈСП.

„Ми должат повеќе од четири месеци. Има закани, ако зборувам, може да ми се раскине договорот и ќе останам на улица, како што нè оставија претходно 7 месеци. Со што да возам, кога секој ден треба да давам по 5.000 денари за дизел. Освен тие што имаат втор бизнис, ние другите не можеме да функционираме. Ситуацијата е многу лоша и секој ден има недостиг од автобуси бидејќи возачите не излегуваат, затоа што не се платени“, вели друг сопственик, кој исто така сакаше да остане анонимен.

Приватните превозници во Скопје се регулирани преку три компании и тоа „Јофи бус“, „Радост“ и „Вестор транс“. Компанијата „Радост“, која стопанисува со линијата 19, не одговараше на нашите телефонски повици и СМС пораки. Претпоставените од останатите две компании кои управуваат со други линии, одговорија на нашите повици. Од едната компанија изјавија дека „немаат проблем со плаќањето“, додека другата „нема коментар“.

Порталб испрати прашање и до Јавното претпријатие, но и оттаму до објавувањето на текстот немаше одговор, а на телефонските повици не одговараше ниту директорот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...