fbpx

Скопје останува без јавен превоз, советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за субвенции на ЈСП

Жестока дебата се водеше меѓу советниците, за на крајот со 22 „за“ и 13 воздржани да се донесе конечната одлука. Недостигаше само еден глас за да бидат гласани субвенциите

-

Два и пол часа советниците во Градот Скопје расправаа дали на ЈСП Скопје треба да му бидат доделени субвенции од 11 милиони евра, за вработените да можат да ја земат декемвриската плата, а јавниот превоз да продолжи да функционира.

Жестока дебата се водеше меѓу советниците, за на крајот со 22 „за“ и 13 воздржани да биде донесена одлуката да не се дадат субвенции, односно недостигаше само еден глас „за“. Додека советниците дискутираа, стотици вработени во ЈСП Скопје протестираа пред Град Скопје, чекајќи ја одлуката на Советот. Претходно, од Синдикатот соопштија дека доколку се донесе дури и парцијална одлука, односно субвенции кои ќе бидат давани од месец на месец, главниот град ќе остане без јавен превоз.

За субвенциите за ЈСП се противеше советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и токму поради нивните ставови, одлуката за субвенции не беше изгласана.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, откако им се обрати на советниците, рече дека ќе седне до претставниците на синдикатите, давајќи им поддршка.

„Субвенциите се веќе изгласани и предвидени во буџетот. Треба да гласате за вработените да можат да ја примат декемвриската плата, да си ги платат сметките, оти овие луѓе немаа ни што да стават на своите трпези за време на празниците. Овие луѓе надвор си ја сработиле својата плата“, рече Арсовска.

Марија Андоновска, координаторка на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека на советот биле донесени неколку одлуки, меѓу кои и воведување продолжени и нови линии. Дополнително, рече таа, било побарано претпријатието да достави детални информации за финансиското работење, нешто што не било направено.

„Не ни доставивте, односно ни доставивте штури информации. Едноставно не ги реализирате одлуките, луѓето немаат редовен превоз, се гужваат, чекаат по 45 минути минимум. Не може ние постојано да ви даваме пари, оти тоа не се наши пари“, рече Андоновска.

Гордан Шутаров, советник од СДСМ, рече дека доколку не се изгласаат субвенциите, тогаш протестите наместо пред Град Скопје треба да се одвиваат на Плоштадот на ВМРО, бидејќи партијата е директно виновна за ваквиот хаос.

Според Александар Трајановски од ГРОМ, станува збор за свесно доведена ситуација за да се држи градот „клекнат на колена“.

„Ова се прави за да се бојкотира работата на јавните претпријатија. Луѓето чекаат леб, а некој тука прашува зошто не биле пуштени нови автобуски линии“, рече тој.

Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека за ваквата состојба не е виновен Советот на Град Скопје, туку градоначалникот и менаџментот на претпријатието.

„ЈСП Скопје потрошило 12 милиони денари за договорни услуги. За други нематеријални трошоци дадени се 350 илјади евра. На седницата на 18 ноември одобривме 2 милиони евра и тие требаше да бидат за плати. На што се потрошени овие пари? Како успеавте да го донесете претпријатието на ова дереџе? Субвенциите изнесуваат 750 милиони денари, лани дадовме 740 милиони. Ние сега треба да изгласаме субвенции за 2024 година за потешкотии во работењето, а годината сè уште не е ни почната“, рече Јаневски.

Директорот на ЈСП Скопје Крсте Петревски на седницата побара да се изгласаат субвенциите, со образложение дека основните трошоци на претпријатието се: 45-50 милиони денари за нафта, 20 милиони денари за метан, 30 милиони за приватните превозници.

„Каде се тука гуми, плати, тековно финансирање? ЈСП од сите приходи прибира 70 милиони денари, од билети и од организиран превоз за ученици. Затоа се гласаат субвенциите и тие се за плати на вработените. Ако сега делумно се изгласа одлуката, тогаш поради изборите во април или мај повторно ќе нема пари“, рече Петревски.

Претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски, по седницата изјави дека ќе останат пред Град Скопје, бидејќи имаат информации дека ќе има дополнителна вонредна седница, на која голема е веројатноста да се смени одлуката за доделување субвенции. Засега, такво официјално соопштение нема стигнато.

„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно одлучија да тераат инает со граѓаните. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно одлучија да ги остават вработените во ЈСП Скопје без плата а граѓаните на градот Скопје без превоз. ВМРО-ДПМНЕ се деструктивна партија која нема слух за потребите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје се изживува со луѓето без грам совест и без грам одговорност. Ова е скандалозно, непринципиелно и нечовечки“, се вели во соопштението на Град Скопје, испратено по седницата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...