fbpx

Почеток на сообраќаен хаос без јавен превоз – на постојките наместо автобуси се чека такси

Во неможност да се користи јавниот превоз, екипата на Мета.мк успеа да најде такси, а кога влеговме во возилото, возачот веднаш ни искоментира дека можноста да се најде превоз при ваква ситуација е „како да освоиш лотарија, речиси невозможно“

-

Само пусти автобуски постојки денеска можеа да се забележат низ главниот град, по протестот што следуваше откако на вработените во ЈСП не им беа исплатени декемвриските плати.

Градот вриеше од такси возила, во неможност на граѓаните кои немаат сопствени автомобили да стигнат до работните места. По завршувањето на вонредната седница на Советот на Град Скопје, кога не беше изгласана одлуката за давање на субвенции на ЈСП, очигледно е дека граѓаните ќе бидат приморани да бараат алтернатива за превоз, доколку не се случи нешто што можеби би ја сменило одлуката со цел претпријатието да добие субвенции, а вработените да добијат плати.

Низ гужвата, на ладното време, вработените од ЈСП кои излегоа на протест, се топлеа со чашки чај, чекајќи го епилогот од вонредната седница, која не заврши во нивна полза.

Мета.мк разговараше со некои од нив. Тие велат дека имаат едноставни барања за да продолжи редовното функционирање на јавниот превоз.

„Немаме земено плата од декември, нашите барања се да имаме плата редовно, да ја земаме платата на први од месецот, како што треба да ја земаме, за да не плаќаме камати по банките. Треба да ги платиме и домашните сметки“, ни изјавија дел од присутните.

„Бараме и тоа што треба да го исплатат, и покачување да ни дадат, и тие пари што ни ги скратија пред 15 години да ни ги вратат назад“, додаваат тие.

Во меѓувреме, единствените автобуси што можат да се забележат низ Скопје се паркираните автобуси на ЈСП или на приватните превозни компании кои возат низ други градови.

Автобуските станици низ градот се празни, а граѓаните кои чекаат на автобуските постојки, чекаат такси наместо автобус. Најголем дел од нив се студенти.

Со прекинот на функционирање на превозното средство кое студентите и учениците најчесто го користат, односно јавниот превоз, тие се приморани да најдат алтернатива за да дојдат на факултет.

Покрај Градежниот факултет, каде станицата обично е преплавена од студенти, денеска нема гужва, а студентите кои беа присутни во дворот на факултетот велат дека мора да стигнат на факултет како знаат и умеат поради колоквиумите и испитите.

„Дојдов со такси, колоквиумска недела е, мора да се стигне на време. Ни претставува проблем ова, јас не доаѓам од далеку, но има студенти кои патуваат од подалеку, а такси превозот не е евтин“, ни рече студентка од Градежниот факултет.

Друга студентка вели дека иако ситауцијата им го отежнува завршувањето на обврски, сепак имаат разбирање.

„Вработените немаат земено плата, нам ни е отежнато стигнувањето на факултет, но не можам да ги обвинам, мислам дека и ние имаме разбирање. Лошо е за сите, Скопје не фукционира без автобусите. Денес стигнав до факултет со велосипед, иако обично не го возам, ладно е, меѓутоа не верував дека ќе успеам да најдам такси на ваков ден“, ни изјави таа.

Малку понатаму, граѓаните кои ги сретнавме на постојката кај автобуската „Мал одмор“, се обидуваа да повикаат такси.

„Се возам со градски превоз, ама денес нема таква можност, сега барам такси,  ама никако не можам да најдам возило”, изјави една од присутните на постојката.

Екипата на Мета.мк успеа да најде такси, а кога влеговме во возилото, возачот веднаш ни искоментира дека можноста да се најде превоз при ваква ситуација е „како да освоиш лотарија, речиси невозможно“.

Токму ова ја покажува итноста за јавниот превоз, без кој Скопје отежнато фукнционира. Остануваат многу прашања за тоа како ќе се движат скопјани без автобусите, а денешниот хаос е само почеток.

Денеска два и пол часа советниците во Градот Скопје расправаа дали на ЈСП Скопје треба да му бидат доделени субвенции од 11 милиони евра, за вработените да можат да ја земат декемвриската плата, а јавниот превоз да продолжи да функционира.

Жестока дебата се водеше меѓу советниците, за на крајот со 22 „за“ и 13 воздржани да биде донесена одлуката да не се дадат субвенции, односно недостигаше само еден глас „за“. За субвенциите за ЈСП се противеше советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и токму поради нивните ставови, одлуката за субвенции не беше изгласана.

Скопје останува без јавен превоз, советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за субвенции на ЈСП

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...