Пред летните одмори, цените на автобуските билети за во странство се вивнаа до небо [инфографик]

Додека цените на нафтените деривати одат надолу, оние на автобуските билети се покачени пред летниот период или не се коригирани надолу уште од драстичното поскапување од минатото лето, иако бензините и дизелот во меѓувреме поевтинија за над 30 денари за литар

-

Граѓаните се приморани да плаќаат повисоки цени на меѓународните автобуски билети за време на летните одмори. И покрај тоа што цената на дизелот во моментов чини околу 70 денари за литар, дел од автобуските компании ги покачија цените на билетите за патување во странство. Македонија нема меѓународен железнички превоз веќе неколку години, така што граѓаните се приморани или да користат свое возило при патувањата во странство или да купат авионски билети, кои годинава се исто така енормно поскапени.

Автобуските билети на релација Скопје-Истанбул од неодамна се поскапени за речиси 2.000 денари за патување во двата правци, поради укинувањето на повратните билети. До неодамна, компаниите нудеа повратни билети за околу 3.100 денари, а од пред неколку недели на граѓаните им се нуди опцијата единствено за набавка на билет во еден правец. Патувањето чини околу 2.500 денари до Истанбул во една насока, а доколку некој сака да патува во два правци, ќе треба да плати околу 5.000 денари.

Поскапување на автобуските билети има и за останатите соседни земји, кои се популарни кај македонските граѓани за патување. Па така, повратните автобуски билети меѓу Скопје и Белград чинат од 2.800 до 3.250 денари, а до лани, пред почетокот на летото, цените беа околу 2.200 денари.

Една од автобуските компании повторно почна да сообраќа меѓу македонскиот и српскиот главен град кон крајот на април 2023 година, но наместо по 2.200 денари, новата цена за билетите чини 2.950 денари за патување во двата правци.

Поскапување на билетите за патување во странство има и на релацијата Скопје-Софија-Скопје. Цената во моментов за оваа релација достигнува помеѓу 2.720 и 2.820 денари за повратен билет, за разлика од периодот на враќањето во функција на редовниот автобуски сообраќај на оваа дестинација во август 2021 година, кога повратниот билет чинеше околу 2.000 денари за патување во два правци.

Меѓу Солун и Скопје, цената на повратен автобуски билет чини 3.430 денари, а има само едно поаѓање меѓу двата града во текот на денот.

Единствен случај каде што нема корекции на цените на билетите изминатава година е релацијата Скопје-Тирана-Скопје, каде повратен билет чини 1.890 денари.

Од автобуската компанија „Руле турс“, која ја одржува линијата меѓу Скопје и Солун, за Мета.мк велат дека цената на билетот на оваа релација не е променета повеќе од една година. Тие додаваат дека и другите автобуски компании не ги промениле цените на меѓународните автобуски билети до Белград и до Софија во текот на изминатата година.

Цените на автобуските билети во меѓународниот превоз значително се покачија минатата година, во моментите кога цените на нафтените деривати се искачија и над 110 денари за литар, при што образложение за поскапувањето беше токму покачувањето на дериватите. Сепак, денес цената на дизелот е околу 70 денари за литар, додека бензините се продаваат по околу 80 денари за литар, но корекција со намалување на цената на билетите нема.

Од она што можеше да го увиди Мета.мк, во изминативе недели цената на автобускиот билет на релацијата меѓу Скопје и Истанбул е покачена на 80 евра за патување во двата правци, иако претходно имаше повратен билет што чинеше 50 евра. Автобуски превозник кој повторно почна да сообраќа во април годинава на линијата меѓу Скопје и Белград, нуди повратни автобуски билети за 2.950 денари, иако пред укинувањето на линијата, истиот превозник возеше по цена од 2.200 денари за патување во двата правци.

Мета.мк направи споредба на цените на автобуските карти кон дестинациите во соседните земји. Па така, патувањето во еден правец до Тирана чини нешто помалку од 4,5 денари за изминат километар со автобус. Речиси идентична цена од 4,5 денари за изминат километар се добива и за патување кон Белград. Наспроти ова, за поминување на 244 километри меѓу Скопје и Софија, билетот во еден правец чини 1.600 денари, односно 6,5 денари за изминат километар. Највисока цена од над 9 денари за километар е патувањето кон Солун. За билет за дестинацијата со растојание од 240 километри треба да се платат 2.200 денари за еден правец.

За цената на автобуските билети за патување во странство упативме прашања и до Министерството за транспорт и врски и до Државниот инспекторат за транспорт.

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк велат дека актуелните закони определуваат превозникот самостојно да ја определува цената на превозот, односно дека тие како министерство немаат ингеренции да се мешаат во ова прашање.

„Превозникот е должен да склучи договор за регулирање на услугите со категоризираните автобуски станици согласно со возниот ред на линијата и да го достави ценовникот до автобуските станици што ги користи согласно со утврдениот возен ред. Превозникот е должен преку средствата за јавно информирање да го објави започнувањето на меѓуопштинскиот линиски превоз според возниот ред“, ни одговорија од Министерството за транспорт и врски.

Од Државниот инспекторат за транспорт пак велат дека немаат никакви ингеренции за да интервенираат кај автобуските превозници во однос на поскапување на меѓународните билети.

Сепак, од овој Инспекторат додаваат дека согласно член 24 став 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај е предвидено превозот на патници да се врши на одредена линија по однапред одобрен возен ред и утврдена и објавена цена на превозот, што пак ги одобрува Министерството за транспорт и врски.

„Одредбите кој се однесуваат во меѓуопштинскиот превоз на патници истите важат и за меѓународниот превоз на патници, член 42 од Закон за превоз во патниот сообраќај“, објаснуваат за Мета.мк од Државниот инспекторат за транспорт.     

Со години нема меѓународни возови кон соседните земји

Македонија е железнички изолирана земја во поглед на сообраќањето на меѓународните возови. На 1 октомври 2018 година беше укинат меѓународниот воз Белград-Скопје-Солун, а со почетокот на ковид-19 пандемијата, во 2020 година, престана да сообраќа и возот меѓу Скопје и Приштина.

На сајтот на Железници на РСМ-Транспорт сè уште стојат цените за повратен железнички билет на релацијата Скопје-Белград во висина од 1.706 денари по патник, односно на релацијата меѓу Скопје и Солун повратен железнички билет изнесуваше 19,5 евра во двата правци по патник. Сепак, и покрај актуелните цени на билетите за патување, возови кон овие дестинации денес нема.

Инаку, Мета.мк неодамна пишуваше и за високата цена на автобуските билети и во меѓуградскиот превоз во земјава. Идентично како и кон странските дестинации, цените на автобуските билети и во внатрешниот сообраќај лани поскапеа во моментот кога нафтените деривати се продаваа и по цена од над 110 денари за литар. Сепак, и покрај тоа што денес е намалена цената на дизелот и на бензините, автобуските компании не се одлучија да ги намалат цените на билетите кои претходно ги поскапеа.

Цените на горивата паднаа, билетите во меѓуградскиот автобуски превоз останаа скапи [инфографик]

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...