Управување со отпад и со води – најтежок дел од билатералниот скрининг за животна средина

На скринингот биле презентирани 75 презентации за последниот статус на усогласеноста на националното законодавство во однос на ЕУ законодавството од областите: воздух, отпад, води, хемикалии, контрола на индустриски емисии, заштита на природа, цивилна заштита, шумарство и климатски промени

Фото: МЖСПП

Клучни согледувања од билатералниот скрининг за Поглавје 27 – Животна средина и климатски промени, како дел од Кластер 4 покажаа дека државата е на добар пат, дека во некои области е во напредна фаза, но во други е во почетна или е соочена со силни предизвици во понатамошно усогласување на националното законодавство со европското.

Ова се вели во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање, по билатералниот скрининг што се одржуваше во изминативе пет дена во седиштето на Европската комисија во Брисел.

Како најзахтевни области за имплементација и во однос на финансии и во однос на човечки ресурси биле посочени областите управување со отпад и управување со води.

„Со оглед на тоа дека ова Поглавје е едно од најкомплексните и најскапите за инвестирање, државата е охрабрена да продолжи првенствено да инвестира во човечки капацитети. Од страна на претставниците на ЕУ е потврдена подготвеноста за финансиска поддршка на процесот, но при тоа беше потенцирано дека средствата што ќе бидат наменети за поддршка мора ефикасно и наменски да бидат апсорбирани. Исто така, државата е охрабрена да одговори на сите покани за учество на експертски работни групи на Европската Комисија“, велат од МЖСПП.

На скринингот биле презентирани 75 презентации за последниот статус на усогласеноста на националното законодавство во однос на ЕУ законодавството од областите: хоризонтално законодавство, воздух, отпад, води, хемикалии, контрола на индустриски емисии, заштита на природа, цивилна заштита, шумарство и климатски промени.

Посебна придобивка, велат од Министерството, бил билатералниот состанок со европскиот комесар за животна средина, океани и рибарство Вирџинијус Синкевичиус на кој се потпишал Договорот за учество на Република Северна Македонија во европската програма LIFE со што се отвори пристап до нови финансиски инструменти на ЕУ.

Делегацијата била предводена од заменик главен преговарач, Дрита Абдиу Халили од Секретаријатот за европски прашања и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Работната група за преговори за Поглавје 27 – Животна средина и климатски промени, раководена од државниот секретар во МЖСПП Неби Реџепи и државниот советник за климатски промени, д-р Теодора Обрадовиќ – Грнчаровска беше составена од претставници од повеќе институции: Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Секретаријат за европски прашања, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за здравство, Министерството за економија, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за хидрометеоролошки работи, Државната комисија за спречување од корупција и Агенцијата за катастар на недвижности.

Во текот на следниот период, Евопската Комисија ќе подготви скрининг извештај, по што ќе се подготват планови со идни чекори.