!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Стандард“: Настапот на Курц во Скопје е задоцнета и лоша исплата за бегалската криза


       
Виена, 30 ноември, 2016 - 13:36 (META) 

Настапот на шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, во неделата, е задоцнета и лоша исплата на долгот кон македонските власти за затворањето на македонско-грчката граница и за запирањето на протекот на мигранти кон Австрија и кон Западна Европа, пишува виенски „Стандард“.

„Изминативе месеци, многумина се прашуваа што доби македонската влада со затворањето на границата кон Грција во март, за бегалците да не можат лесно да стигнат до Централна Европа и до Германија и со што се стави крај на големата бегалска криза. Одговорот од Скопје секогаш беше – ништо. Од неделата сите сме попаметни: наградата ја испорача лично министерот Себастијан Курц, кој дојде во Скопје за да ја поддржи национал-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања“, се наведува во коментарот на „Стандард“ за контроверзното гостување на Курц во Скопје.

Тоа што Курц, се додава во коментарот, поддржува една ваква партија, покажува дека поддршката за демократијата и за владеењето на правото се многу ниско на листата на приоритети, а тоа има последици и по Европската Унија која „го губи својот кредибилитет“.

„Повеќето партии во Југоисточна Европа се клептократски здруженија кои на луѓето им делат работни места во замена за гласови и ги залажуваат со дози национализам. Но, ВМРО-ДПМНЕ води на негативната ранг-листа: режимот во изминатите години стануваше сè похрабар и поавторитарен, контролирајќи ги полицијата и судството и ги прислушуваше граѓаните“, пишува „Стандард“.

Идентичен е ставот и на бегискиот неделник „Њу Јуроп“, кој исто така пишува дека учеството на Курц во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ е враќање услуга на македонската владејачка партија за нејзината помош околу затворањето на балканската мигрантска рута.

„Неговата изјава (на Себастијан Курц н.з.) за членство (на Македонија во ЕУ) е во директна спротивност со духот на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, во кој се зборува за заробување на демократските институции, кршење на слободата на говорот и на владеењето на правото“, пишува „Њу Јуроп“.

Настапот на шефот на австриската дипломатија на митингот на ВМРО-ДПМНЕ беше критикуван и од повеќе европски политичари кои оценија дека на Македонија ѝ се потребни слободни избори, без влијание од странски министри или влади.

Европската комисија не сакаше да го коментира настапот на Курц. Од Брисел за „Мета“ рекоа дека стојат зад изјавата што на 18 ноември ја даде евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија за претстојните избори, во која истовремено се повикува и на одвојување на партиските од државните активности.