Минута по 22 часот претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 6-тата седница, на која се расправа за разрешување на Jавниот обвинител Марко Зврлевски, и го закажа следното нејзино продолжение за утре во 12 часот.
За разлика од тензичната атмосфера меѓу 19 и 20 часот, кога првин пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се собраа околу говорницата и бараа пауза, по што уследи долга полемика и убедување меѓу Талат Џафери и Илија Димовски и едночасовна пауза, последното денешно продолжение од 21 часот до крајот мина во реплики и контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Собранието се појавија и значителен број пратеници од СДСМ и координаторот на нивната пратеничка група, Петре Шилегов.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како и во текот на целиот ден, и последниот час велеа дека предлогот за разрешување на Зврлевски е политички реваншизам на Заев, бараа да се зборува за пожарите, за Законот за јазиците, за Стратегијата за бегалците, како и за задолжувањето на земјата. Тие обвинија и дека власта на СДСМ ја води земјата кон катастрофа и уништување и повеќепати порачаа дека за 70 и нешто денови, власта ја задолжила земјата многу повеќе отколку која било претходна власт во ист или многу подолг период.