!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОМД: Заев вети дека во 2019 година ќе има попис во Македонија


       
Вашингтон, 22 септември, 2017 - 11:11 (META) 

Премиерот Зоран Заев на средбата со Обединетата македонска дијаспора (ОМД) рекол дека во 2019 година ќе биде спроведен попис на населението во Македонија, тврди ОМД во соопштението за средбата што се одржа оваа недела во Њујорк, каде премиерот со владина делегација присуствува на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.

На средбата претседателот на ОМД, Методија Колоски, стои во соопштението, побарал од Заев објаснување за Законот употреба на јазиците и го повторил ставот дека за ОМД е неприфатливо се што „задира во македонскиот устав, унитарноста, националните интереси, територијалниот интегритет на Република Македонија, како и можно креирање на бинационална држава наместо држава за македонците и сите малцинства со подеднакви права“

„(Коловски) доби објаснување од премиерот Заев дека овој предлог закон претставува само последниот легален дел од Законот за јазици донесен во 2008 и во 2011 година и не задира во Уставот на Република Македонија. Во тој контекст, Колоски го постави прашањето за попис на населението во Република Македонија, на што премиерот Заев даде ветување дека ќе биде спроведен во 2019 година“, стои во соопштението од ОМД.

На состанокот станало збор и за спорот за името со Грција. Членот на ОМД, Владимир Котевски потенцирал дека ОМД инсистира да се прекинат сите преговори за името, а го критикувал и договорот со Бугарија, истакнувајќи дека „било какви други договори не смеат да бидат на штета на интегритетот на државата и заштитата на правата на македонските малцинства во тие држави.

„Претседателот Колоски се надоврза со потенцирање на ставот на ОМД за НАТО и европската интеграција на Македонија, со посебен нагласок дека Владата на Република Македонија не треба да дозволи влезот во НАТО и во ЕУ да биде проследен со услов за промена на име“, стои во соопштението.

Претставниците на Обединетата македонска дијаспора се пожалиле за проблемите на македонската заедница во Њујорк и во Њу Џерси поради немањето на активен конзул, а искажале и незадоволство од одлуката на министерот за надворешни работи, Никола Димитров за повлекување на македонскиот генерален конзул Јовица Палашевски од Торонто.