!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бартол: Решавањето на спорот со Грција и реформите – клучни за зачленување во НАТО


       
Скопје, 19 јули, 2017 - 13:20 (META) 

Решавањето на спорот за името е од клучно значење за зачленување на Македонија во НАТО, но, покрај заемно прифатливото решение на спорот, тука е и важноста на реформите и стабилноста во земјата, вели капетан Горазд Бартол, шеф на воената канцеларија за врски на НАТО во Скопје, во интервју за „Јуропиан Вестерн Балканс“.

Тој вели дека во поглед на евроатлантските интеграции во изминатите години биле пропуштени важни прилики и оптимизмот на населението во поглед на иднината се намалил, но од неодамна, по месеци политички криза, се подобруваат очекувањата на граѓаните.

Според Бартол, формирањето на новата влада е чекор во вистинската насока. Но, новата влада, додава тој, мора да се зафати со реформите, а партиите да ја надминат поделеноста и конструктивно да се вклучат во политичкиот процес.

– На самитот во Варшава минатата година, водачите на НАТО побараа изградба на целосно функционално мултиетничко општество, засновано на спроведување на Охридскиот рамковен договор од 2001 година и ги поттикнаа сите политички партии во земјата да ги спроведат нивните обврски од Договорот од Пржино и во тие рамки да се вклучат во ефективен демократски дојалог, како и да се засилат владеењето на правото, слободата на медиумите и незавиноста на судството. Охрабрени сме од фактот што Владата почна да соработува со еврокомесарот Хан и со Прибе за реформските приоритети, на кои НАТО им придава голема важност. Всушност, реформите спроведени заради интересите на сите граѓани на земјата носат полза во три аспекта: помагаат да се зацврсти стабилноста во земјата, помагаат на земјата да се придвижи во поглед на евроатлантските интеграции и ја засилуваат отпорноста на земјата кон вмешувања од страна – вели Бартол.