!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анѓушев го презентираше планот за економски пораст пред амбасадите


       
Скопје, 20 септември, 2017 - 10:25 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на јавна трибина во Владата го презентираше планот за економски пораст односно мерките, пред претставниците од странските амбасади и меѓународните финансиски институции.

„Планот за економски пораст е резултат на сеопфатни анализи. Во него се имплементирани препораки од документите на Светската Банка, Виенскиот институт за меѓународни односи, Македонската академија на науки и уметности, но и барањата од стопанските комори и бизнис секторот“, истакна  Анѓушев.

Компаниите, независно дали се странски или домашни, ќе имаат можност да ги користат мерките за поддршка, доколку во просек, во последните три години покажат пораст на приходите и не го намалуваат бројот на вработени.

„Мерките би ги поделил во три столба: мерки за поддршка на нови инвестиции и за зголемување на конкурентноста на економските субјекти, мерки за поддршка за извозот и мерки за поддршка за малите и средни претпријатија. Притоа, нема повеќе поделби на домашни и странски компании, сите економски субјекти ќе треба да ги исполнат истите критериуми и услови и секоја од компаниите ќе може да користи одреден сет на поддршка. Сакаме да бидеме транспарентни и дискреционо право за одлука повеќе не постои, односно никој повеќе нема да одлучува кој, колкава државна поддршка ќе добие“, дополни вицепремиерот.

Денеска мерките ќе бидат претставени пред претставници од образовните и научни институции, бизнис-заедницата и невладиниот сектор во Македонија.