Анѓушев: Гасоводот мора да поминува низ Водно, но ќе има нова траса


       
Скопје, 10 јули, 2018 - 12:49 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, заедно со претставници од иницијативата „Го сакам Водно“ денеска ја поминаа трасата по која треба да поминува гасоводот, за лично да се уверат каква шума и зеленило ќе бидат уништени.

Анѓушев вели дека слушал различни спротивставени ставови за тоа колку шума треба да се исече и низ кои предели поминува проектот за гасоводот, и затоа сакал да ја види ситуацијата на терен.

– Jа поздравувам иницијативата на невладините организации, тие се коректор на политиките на секоја влада и како такви и денеска се уверивме дека делумно или во најголем дел биле во право во своите барања. Службите во МЕР напорно работеа заедно со невладините организации и мислам дека во најголем дел таа траса се искорегира. Можете да го видите проектот каде што таа претходно била замислена и како сега сите делници каде што може да биде уништена шума се избегнати. Но, и покрај тоа што е направено максимално избегнување каде што може, во еден дел мора да се помине низ шума. Таму ќе се користат шумските патеки кои се веќе постојни, за да се направат минимални оштетувања кои може да настанат. Се надевам дека ќе дојдеме до заеднички јазик како оваа делница да се изгради – рече Анѓушев.

Тој уште еднаш повтори дека, ако се пролонгира градењето на гасоводот тоа ќе значи дека многу домаќинства ќе продолжат да се греат на дрва и во наредните пет години.

– Во тој случај несразмерно многу шума ќе се исече за греење од тоа што тука би се оштетила, а тоа сега ќе биде минимално. Ги охрабрив во МЕР и како Влада им наложивме да направат максимални напори, секое дрво кое може да се избегне за да биде исечено, тоа да биде така направено. Мислам дека веќе се постигна оптимална траса низ која што ќе има минимални оштетувања. Се работи за 70 отсто помалку оштетувања од тоа што беше првобитно замислено. Доколку и понатаму имаме желба да направиме еколошки потфат, како што е градењето на гасоводот, треба да бидеме согласни да продолжиме – додаде Анѓушев.

Тој вели дека ќе инсистира невладините организации и еколошките здруженија до крај да бидат вклучени во проектот, односно да бидат надзор.

– Покрај градежниот надзор, кој ќе постои согласно закон, и ќе биде ангажиран од страна на МЕР, ќе барам здруженијата да бидат дополнителен надзор на градењето на оваа траса. Се што може да се измени и прилагоди, за да има што е можно помал импакт на животната средина – додаде тој.

Андреа Јанков од иницијативата „Го сакам Водно“ вели дека ова се некои начелни, прелиминарни проекти кои се прават од изведувачите на основниот проект.

– Останува да продискутираме за овие дадени предлози со кои навистина се намалува импактот врз Водно. Од претходните четири километри шумски појас уништување, сега се намалува на два, се јавува теснење односно користење на постоечки патеки. Но, останува да продолжиме со разговорите, за да добиеме адекватно решение со кое сите би биле задоволни – вели Јанков и додава дека нивната работа допрва започнува со будење на граѓанската свест, за да ги натераат граѓаните да учествуваат во овие случувања, за да ги освестат, за тоа што значи Водно за нив.

Во однос на користење на друга траса за изградба на гасоводот и комплетно избегнување на Водно, директорот на МЕР, Реџепи вели дека „ги разгледале опциите и направиле длабока анализа, но биле врзани со рокови.“

– Имаме договори спрема банки и други субјекти, поднесовме анализа до Влада, но ќе имаше одложување на проектот три до четири години минимум. Заради другите обврски што ги имаме Владата одлучи да одиме по постоечката траса – додаде Реџепи.

Тој потсети дека идејниот проект за овој гасовод бил изготвен во 2010 година и дека во 2016 година било дадено одобрението за градба.