Министерката за одбрана Радмила Шекеринска непосредно пред самитот на НАТО во Брисел преку видео порака им се обрати на граѓаните на Република Македонија.
Во видео-изјавата министерката Шекеринска потенцира дека следните два дена Македонија ќе седне на иста маса со светските велесили, и дека официјално ќе добие покана за членствово НАТО.
„Оваа шанса во 2008 година ја пропуштивме и оттогаш натаму, работите тргнаа во погрешен правец. Видовме што значи да се живее во несигурна држава и во нестабилен регион. Поминувавме низ многу кризи, а државата стагнираше на секое поле. Почитувани сограѓани, во изминативе 10 години едно стана јасно – без отворени перспективи за членство во НАТО и во Европската Унија, иднината на Македонија е несигурна. Членството во НАТО е историска шанса која сега мора да ја искористиме. Со тоа Република Македонија ќе стане партнер и сојузник со најмоќните земји во светот. Членството во НАТО ќе биде стабилност и сигурност за Република Македонија и нејзините граѓани. Но, тоа ќе донесе и шанса за побрз економски развој и просперитет “, вели министерката.
Шекеринска истакнува дека изминатата година биле направени крупни промени, крупни чекори напред, а решени биле тешки проблеми.
„Направивме крупни реформи, решивме тешки проблеми. Покажавме дека Македонија може подобро. Горда сум на постигнатото, продолжуваме понатаму“, вели министерката Шекеринска во своето видео-обраќање.