fbpx

Зеленски не е оставен сам да се снаоѓа, а „смарт-мобилизација“ е пилот проект во најава

Зеленски не е оставен сам да се снаоѓа во сенка на настаните во Газа. Исто така, смарт мобилизацијата нема никаква поврзаност со настаните во Газа, ниту пак, со наводното откажување на поддршката од страна на западните пријатели на Украина. Западот ја нема сменето политиката на поддршка на правото на Украина на самоодбрана од руската агресија

-

Наспроти изнесеното во објавата дека Зеленски е напуштен и оставен самиот да се снаоѓа. САД на 26 октомври испрати пакет со воена помош од 150 милиони долари за Украина, а Европската комисија исплати 1.5 милијарди евра од пакетот за макрофинансиска помош за Украина. Онлајн мобилизацијата е пилот програма, со која на Украинците ќе им се овозможи зависно од нивните професионални компетенции самите да одберат во која специјалност и на која позиција ќе помогнат во одбраната од руската агресија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Целосно во сенка на настаните во Газа и препуштен самиот да се снаоѓа, Зеленски пополека губи разум. Наредно ќе воведе и онлајн мобилизација.

Во склоп на објавата се споделува наслов од медиум:

Украина: Имаме план, ќе спроведеме смарт-мобилизација

Објавата невистинито тврди дека Зеленски пополека губи разум, зашто наводно е препуштен сам да се снаоѓа во сенка на настаните во Газа. Откако Хамас го нападна Израел, на социјалните мрежи почнаа да се шират содржини кои го промовираат дезинфо наративот оти Украина е сега препуштена самата на себе, ја губи поддршката од пријателите на Запад, вклучително и финансиската поддршка за нејзината самоодбрана. Ова не е вистина.

Имено, на сајтот на американскиот департмент за одбрана (US Department of Defense) на 26 октомври е наведено дека армијата на САД продолжува да се фокусира на поддршка и на Израел и на Украина.

Израел не е единствената „жешка точка“ во светот, па генералот Пет Рајдер изјави дека САД испраќа пакет со воена помош од 150 милиони долари за поддршка на безбедносните потреби на Украина. Ова е 49 обезбедување на опрема од август 2021, пишува на сајтот на американскиот департмент за одбрана.

Како што се наведува во соопштението, оваа клучна безбедносна помош вклучува капацитети за противвоздушна одбрана, артилерија, муниција, противтенковско оружје и друга важна помош за да ѝ се помогне на Украина да се спротивстави на руската агресија и да ја продолжи својата борба за независност и слобода.

Инаку, овој пакет на безбедносна помош е уште еден видлив сигнал за континуираната посветеност на САД за поддршка на украинскиот народ соочен руската агресија.

САД остануваат посветени на соработката со сојузниците и партнерите за да и обезбедат на Украина помош да ги задоволи нејзините непосредни потреби на бојното поле, а администрацијата на Бајден го повикува Конгресот да ја исполни својата посветеност кон народот на Украина со донесување дополнителни средства за да се осигури дека Украина и понатаму го има тоа што треба за да се одбрани од бруталната војна на Русија. Безбедносната помош за Украина е паметна инвестиција во нашата национална безбедност, помага да се спречи поголем конфликт во регионот и да се одврати потенцијалната агресија на друго место. Истовремено ја зајакнува нашата одбранбена индустриска база и создава висококвалификувани работни места за американскиот народ, стои во соопштението од 26 октомври годинава објавено на сајтот на Департментот за одбрана.

Исто така, на 24 октомври годинава Европската комисија исплати 1.5 милијарди евра од пакетот за макрофинансиска помош за Украина вреден до 18 милијарди евра. Со овој инструмент ЕУ ѝ помага на Украина да ги покрие своите неопходни финансиски потреби со стабилна финансиска помош во 2023 година. Украина досега прими 15 милијарди евра од оваа помош.

Во однос на тврдењето за „смарт мобилизацијата“, Вистиномер во украинските медиуми најде дека се работи за мерка што не е задолжителна, туку станува збор за доброволно пријавување. Исто така, тоа не е поврзано на никаков начин со тоа што Зеленски наводно се чувствувал оставен и напуштен од Западот.

Во интервју за медиумот „РБК Украина“(30.10.2023) министерот за дигитална трансформација на Украина, Михајло Федоров изјави дека за месец или два, Украина ќе започне пилот програма за смарт мобилизација на оператори со дронови.

Федоров во интервјуто зборуваше за производството на беспилотни летала и технолошката борба против земјата агресор – Русија.

На новинарско прашање дали во рамките на дигитализацијата ќе може да се избегне ситуација кога, на пример, професионален ИТ техничар наместо да работи на таква позиција, би бил мобилизиран да ракува со пушка, или пак, лице кое било фрлач на гранати во 2014 година сега би било само возач во безбедноста, Федоров вели:

Ова е одлично прашање. Во моментов работиме на пилот програма што ќе ја отвориме за месец или два. Сакаме да ја почнеме таканаречената „смарт-мобилизација“, кога човек самостојно одбира за која специјалност сака да биде мобилизиран и тоа не под принуда туку самостојно, откако одлучил дека сака да служи во вооружените сили на Украина.

Ќе покренеме пилот програма на оператори со беспилотни летала, каде личноста сама одбира дали сака да биде оператор на дронови или воопшто да служи во компанија за беспилотни летала. Може да биде возач, сите позиции ќе бидат достапни. Ќе може да вид во каква единица, компанија би бил ангажиран, какви обврски би имал, какви ризици би имал и како ќе учи.

И најважно е дека ако поднесете апликација и ги поминете тестовите, обуката, дефинитивно ќе влезете во компанија за дронови и на позицијата која самите сте избрале дека сакате да бидете мобилизирани.

А кога тоа ќе може да се направи, ќе видиме колку луѓе ќе се мобилизираат сами, како ќе бидат избрани и каков ќе биде квалитетот на нивната услуга, колку ќе бидат мотивирани и ефикасни. Ова може да биде првиот пилот проект, првиот чекор да се започне ваква условна „смарт-мобилизација“.

Многу е важно сè да се промени, а ние во пилот програмата го предвидуваме тоа. Не мора да одите во војска. Полагате онлајн тест, доаѓате кај регрутер, ви објаснуваат каде можете да служите. После тоа, ако ги исполнувате критериумите, поминувате низ обука каде не само што ги запознавате основите, туку специјалисти од бојното поле кои управуваат со дронови ви кажуваат што е суштината, каде имате друго ниво на обука, а потоа влегувате во бојното поле. Но, ова е хипотеза. И ние треба тоа да го тестираме. Ќе направиме таква пилот програма.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Зеленски не е оставен сам да се снаоѓа во сенка на настаните во Газа. Исто така, смарт мобилизацијата нема никаква поврзаност со настаните во Газа, ниту пак, со наводното откажување на поддршката од страна на западните пријатели на Украина. Западот ја нема сменето политиката на поддршка на правото на Украина на самоодбрана од руската агресија. Онлајн мобилизацијата е доброволна и со цел самите Украинци согласно своите професионални специјалности да се позиционираат на најсоодветни позиции во украинската армија. Станува збор за пилот проект кој е само најавен.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...