fbpx

Заев: Само пари и моќ им биле важни на Груевски и на Мијалков

-

„Денеска ќе откриеме уште еден корупциски скандал кој е поврзан со директорот на УБК, Сашо Мијалков, а зад кој стои премиерот Никола Груевски. Во овие разговори не се зборува за шифри. Тука се зборува за реални суми и за бизниси преку Русија и Унгарија. Станува збор за набавка на опрема на специјалната полиција“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција.

Според Заев, директорот на УБК побарал провизија од изралеската компанија од половина милион евра.

Во првиот разговор, Мијалков зборува со Светлана Костовска за сума од половина милион евра, која „треба да се пушти“. Во вториот разговор со Хаин Хакејни од изралеската фирма, Костовска се договара за процентот и за парите што треба да ги пуштат. Таа, исто така, му кажува дека ќе оди на пат, но дека може да контактираат и да договорат за провизијата. Тој инсистира да му се даде локација каде би ги пратил парите, а таа му одговара дека е договорено да се исплатат на три рати.

Во третиот разговор, Мијалков на Костовска ѝ кажува дека „ја средил таа работа“. Таа му се заблагодарува и му вели дека ќе му биде должна цел живот, а понатаму во разговорот договараат како ќе се одвива комуникацијата.

Во следниот разговор, Костовска повторно разговара со Хакејни и тој ѝ вели дека ја промениле банката во Будимпешта затоа што била многу бавна. Тој ѝ вели дека директорот дал друга сметка од друга банка и во понеделник ќе ги исплати парите.

Костовска со соговорник разговара за датумот за трансфер на парите. Таа му вели дека за тоа треба да разговара со директорот и подоцна ќе му каже. Поради тоа што бил болен директорот, се договараат да го одложат вториот трансфер.

Таа со Мијалков се договара за провизијата од 200.000, како да ги донесат парите и да се договорат околу деталите. Таа му објаснува дека ќе оди во Тел Авив. Му вели дека „проверила кај Влатче“ дека од новите 480.000 има стигнато повеќе од 100.000 и дека постојано праќаат пари. Таа го прашува дали да ги пуштат и другите пари, на што  Мијалков ѝ вели да почекаат.

Заев рече дека за оваа афера постојат и други докази, помеѓу кои и СМС-пораки. Во една од пораките што ја покажа Заев се вели дека се пуштени 480.000 евра. Во следната порака, пак, стои дека на Мијалков му се пуштени уште 840.000 евра.СМС-пораки меѓу Светлана Костовска и израелецот Хајм Хакејни

СМС-пораки меѓу Светлана Костовска и израелецот Хајм ХакејниИзраелецот бил чест гостин во Македонија, рече Заев, и истакна дека тој дошол во Македонија кога ги префлрил парите. Следното доаѓање било договорено преку СМС-пораки.

Заев пушти две претходно објавени снимки од разговори помеѓу Јанкулоска и Ставрески, во кои, според него, се потврдува дека зад сето ова стои Никола Груевски. Во првиот разговор тие зборуваат за кратење на буџетот. Јанкулоска му кажува дека не може да крати од ставката во која се предвидени 850 милиони денари.

Заев рече дека со ова било јасно дека била набавена опрема за прислушување во 2008 и во 2011 година.

– Ова опрема е набавена за да нè прислушуваат сите нас. Ова е поврзано со уште една афера која носи голем срам во Македонија. Секоја наредна прес-конференција покажува со какви намери се занимавале. Ги интересирале само пари и само моќ – изјави Заев.

Лидерот на СДСМ, на новинарско прашање од каде им се материјалите за влезовите и за излезите на одредени луѓе во државата, рече дека имаат и СМС-пораки и дека им се заблагодарува на луѓето што им испраќаат материјали за криминалното работење на власта.

Заев истакна дека „народот кој се разбудил“ е огромна причина за тоа што го прави денеска.

– Поддршката доаѓа од сите заедници, без разлика на вероисповеста, па дури и политичката определеност. Сите заедници ќе ја бранат Македонија ако некому му текне да направи нешто со меѓунационалните односи – заклучи Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...