fbpx

Промовиран владиниот проект за зголемување на вработеноста

-

Околу 150.000 невработени до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лица повозрасни од 50 години, невработени од ранливите категории граѓани и лицата постари од 58 години, ќе имаат можност да се вработат со мерките предвидени во владиниот проект „Македонија вработува“, што беше промовиран денеска во Владата.

Мерките предвидуваат ослободување од плаќање задолжителни социјални придонеси и персонален данок за доход за компаниите што ќе вработат лица од овие категории граѓани. Тие треба да стапат на сила наредниот месец и да траат една година.

Како што соопшти на денешната презентација на проектот вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, станува збор за ослободување од плаќање придонеси и персонален данок на неколку групи.

– Прва група се невработени лица до 35-годишна возраст кои претходно не биле вработени или биле вработени, но не најмалку три месеци пред вработувањето во согласност со оваа мерка. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок во период од три години, а ќе бидат должни да го задржат лицето уште една година по истекот на периодот за кој се ослободени од давачките. Во оваа група има околу 70.000 невработени – рече Пешевски.

Втората група, како што додаде, се невработени од 35 до 50 години, кои во последните години биле најмалку 10 години без работа. И тие треба да не биле вработени најмалку три месеци пред вработувањето во согласност со овие мерки. За нив работодавецот ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси и персонален данок во траење од пет години, со обврска да ги задржи на работа уште една година по истекот на периодот за кој користел поволности. Во оваа категорија граѓани, според Пешевски, има околу 61.000 невработени граѓани.

Во третата и во четвртата категорија, појасни вицепремиерот, се невработени лица повозрасни од 50 години, невработени лица кои се родители на три или повеќе деца, самохрани родители, членови на еднородителски семејства, приматели на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, лица со инвалидност и со намалена работна способност, професионални војници на кои им престанал работниот однос и родители на деца со пречки во развој, кои се приматели на посебен додаток.

– Во оваа група, процените се дека има околу 43.000 лица. Работодавецот кој ќе вработи лица од една од овие две групи ќе биде ослободен во траење од пет години, без натамошна обврска да ги задржи на работа доколу сака – рече Пешевски.

Последната петта група се лицата постари од 58 години кои во последните две години се невработени. Работодавецот е ослободен од давачките до исполнување на условите на старосна пензија. Според анализите, рече Пешевски, некои групи се преклопуваат меѓу себе и на тој начин потенцијални корисници се повеќе од 150.000 невработени.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, истакна дека на ваков начин, со вакви проекти, Владата недвосмислено покажува дека се бори за секое работно место.

– Нашата цел е со овој проект да помогнеме во придвижувањето на економијата во забрзано отворање и создавање нови работни места. Да спроведеме политики со кои ќе им помогнеме на илјадници и илјадници невработени лица од различна возраст и со различен статус – рече Спасов.

Тој појасни дека компаниите што сакаат да вработат лица од овие категории и да ги користат поволностите треба да не го намалиле бројот на вработени од 15 март годинава до денот на вработување нови работници за кои ќе користат поволности, да немаат неисплатени плати, придонеси, даноци повеќе од два последователни месеци.

Исто така, треба да не го намалиле бројот на вработени за кои не користат ослободување за целиот период за кој се ослободени од плаќање придонеси за да не го намалат бројот на претходно вработени лица. Доколку од основани причини го раскине договорот, компанијата е должна во рок од 30 дена да вработи лице од иста категорија за преостанатиот период. Ослободувањето ќе важи и за самовработување на лицата од овие категории. Лицата што ќе бидат вработени во компанијата во согласност со овие мерки претходно не треба да работеле во истата компанија.

Спасов најави дека во текот на неделава законските измени кои вчера биле усвоени на владина седница, ќе бидат разгледувани со синдикатите и со организациите на работодавци од Економско-социјалниот совет и во согласност со нивните забелешки и препораки, ќе влезат во собраниска процедура.

Министерот за труд и социјална политика додаде дека проектот претставува надградување на мерката за вработување на млади до 29 години со ослободување од плаќање придонеси во траење од 12 месеци, која, како што рече, за една година, колку што се спроведува, заклучно до денеска, овозможила вработување на 7.712 млади луѓе во Македонија.

Мерката ја искористиле 4.229 компании, од кои најголемиот дел се мали, до 10 вработени, односно 3.531 мала компанија. Ова, додаде Спасов, е показател за успехот, поддршката и за помошта на невработените и на бизнис-секторот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...