Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и помошнчката на државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, разговарале за можноста за решавање на политичката криза во земјата, преку споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за практична примена на решенијата за критичните области посочени во извештаите на Европската комисија и на Стејт департментот, како и споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за организирање фер и демократски избори во Македонија, стои во соопштението од партијата.
– Важно за граѓаните на Република Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права. Во таа насока дејствува Социјалдемократскиот сојуз и инсистира на механизми што тоа ќе го овозможат – рече претседателот Заев.
На средбата била изразена согласност дека се неопходни промени за функционалноста на институциите, судството, медиумите, како дел од процесот на промена на партизираниот државен систем.
Лидерот на СДСМ, Заев, констатирал дека договорот од 2 јуни предвидува решенија за критичните прашања и дека се потребни итни решенија во интерес на нормализација на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада што ќе подготви и ќе спроведе избори.