fbpx

За несреќата кај Ласкарци поднесени обвиненија против седум лица

-

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) соопшти дека поднело обвинителен акт за автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари, годинава, во која, а и потоа во болница, 16 луѓе ги загубија животите, а 38 беа повредени. Автобусот не бил технички исправен, а тоа се забошотило, и не се почитувало работното време, соопштија од обвинителството.

За возачот на автобусот, сопственикот, одговорниот за транспорт во фирмата „Дурмо Турс“, како и за тројца вработени во станицата за технички преглед во сопственост на истиот газда, е побарано домашниот притвор да се замени со затворски притвор.

Обвинителството товари дека од пред една година се до мигот на несреќата, обвинетиот сопственик на фирмата-превозник „Дурмо Турс“ и обвинетото одговорно лице за возниот парк на превозникот, не се придржувале кон прописите за безбедност на автобускиот сообраќај за масовен јавен превоз и предизвикале опасност за луѓето што се превезувале.

ОЈО Скопје извести дека сопственикот на компанијата, кој имал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, не организирал ниту трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата. Според обвинителството, тој раководењето со возниот парк го препуштил на вториот обвинет, кој немал сертификат.

Обвинителите утврдиле и дека во „Дурмо Турс“ не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски.

Системот за сопирање не бил исправен, но и покрај тоа, техничкиот преглед во сопственост на газдата на превозникот го прогласувал возилото за исправно. Но автобусот подолго време бил неисправен, а сето тоа „поминало“ во станицата за технички преглед во сопственост на газдата на „Дурмо Турс“, утврдиле обвинителите.

„Обвинетиот раководител на возниот парк, пак, давал насоки на возачите каде да го однесат автобусот за да се изврши манипулација на тахографот со цел да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци. Свесни за континуираната техничка неисправност на автобусот, двајцата обвинети не презеле дејствија за поправка на битните делови од системот за сопирање на автобусот, знаејќи дека и во таква состојба автобусот ќе биде прогласен за технички исправен, затоа што техничките прегледи се вршеле во здружение во кое првиот обвинет исто така е одговорно лице-управител“, се вели во обвинителниот акт.

Дополнително, кривични пријави добија и тројца вработени во станицата за технички преглед, кои на 2 јули минатата година при редовен периодичен шестмесечен технички преглед, воочиле дека е неисправен ABS системот и дека постои недоволна ефикасност на кочењето од 32 отсто, како и разлика од 56% меѓу силите на кочење меѓу левото и десното тркало на втората кочница од втората погонска оска, но сепак свој потпис и печат го завериле записникот за технички преглед, прогласувајќи го возилото за технички исправно.

„При следниот технички преглед на 18.12.2018 година тие воопшто не го прегледале уредот за сопирање, за кој претходно знаеле дека е неисправен. Повторно изготвиле записник за технички преглед и потврда во кои навеле дека возилото е технички исправно“, порачуваат од обвинителството.

Обвинение има и за возачот на автобусот, кој се товари дека пред несреќата, возел со недозволена брзина од 99 км/час.

„Притоа брзината не се регистрирала правилно на тахографот, бидејќи обвинетиот го управувал автобусот со вклучен прекинувач за неправилно бележење на брзината. Заради преголемата брзина, изгубил контрола над управувањето со автобусот, преминал преку заштитната ограда и преку коловозот во спротивна насока. За ова време успеал да ја намали брзината на автобусот на 67 км/час пред да удри во последната заштитна ограда, но поради недозволената брзина и недоволно ефикасниот систем за кочење, излетал со автобусот“, велат од обвинителство.

Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со истиот настан, денеска поднесе и Обвинителен предлог против едно лице, кое се товари дека како одговорно лице во правното лице задолжено да врши проверка и контрола над работата на тахографот во автобусот, иако утврдил дека постои вграден уред за манипулација на апаратот, издал потврда и пополнил налепница со која се тврди дека тахографот е исправен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...