Високата претставничка за надворешни работи на Европската унија, Федерика Могерини, денеска во Брисел ја именуваше Македонија под нејзиното уставно име.
– Да, е на нашата агенда. Заедно со комесарот (Јоханес) Хан, веќе ги посетивме, не Македонија, туку други земји на Балканот, како што е Босна и Херцеговина. Комесарот сам ќе зборува за тоа, но фокусот кој го имаме на Балканот е висок. Босна е единствената земја што двапати ја посетив во првите три месеци, а јас особено внимание посветив на рестартирање на дијалогот меѓу Косово и Србија. Во оваа рамка, Македонија е на агендата, исто како што секогаш е на агендата потребата да се поддржат и да се помогнат земјите кои се клучни за нашиот регион. Кога зборуваме за соседството, Балканот не е соседство, тој е Европа – рече Могерини на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан.
Претставниците на ЕУ, поради спорот за името со Грција, вообичаено не го користат уставното име на Македонија, туку референцата ФИРОМ.
Дали Могерини направи грешка при одговарањето на новинарското прашање или, пак, само навести промена на политиките на ЕУ?
Веднаш по преземањето на функцијата, Могерини изјави дека ЕУ во рок од две години би можела да ја признае Палестина како држава, а истовремено беше првиот европретставник, кој во контекст на кризата во Украина, рече дека Русија повеќе не треба да се нарекува „стратегиски партнер“ на ЕУ.
Засега не се знае како и дали новата грчка влада ќе реагира исто како претходната влада на Андонис Самарас.
Порталот „Еурактив“ јавува дека еврокомесарот Хан не бил импресиониран кога Могерини го употребила името Македонија, па во своето обраќање продолжил да ја користи референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“.