fbpx

Вучиќ и Курти ја условуваат средбата во Брисел, поставени блокади на патиштата кон Косово

И во градот Рударе кај Куршумлија продолжува блокадата на главниот пат што води од Прокупље до административниот премин Мердаре. Патот е блокиран од синоќа, поради забранетиот увоз на српски производи во Косово

-

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека нема да оди во Брисел на средба со европските претставници и преговори со Албин Курти, додека секој уапсен Србин на Косово не биде ослободен. Тој разговорите ги услови и со повлекување на, како што рече, „лажните градоначалници од северот“, пренесува Kossev.info.

„Нема да одам да разговарам со Курти додека не биде ослободен секој уапсен Србин, додека не се повлечат лажните градоначалници од северот, додека специјалната полиција не се повлече и не престане да апси Срби секој ден. А потоа ќе разговараме како да се формира ЗСО на најбрз начин и во согласност со потпишаното“, изјави српскиот претседател, одговарајќи на новинарско прашање околу заминувањето на итна средба во Брисел на покана на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

По седницата на Стратешкиот совет на Србија и Унгарија, Вучиќ рече дека и покрај безброј тешкотии и секојдневни борби, Србија сепак успеала да го зачува мирот.

Вучиќ додаде и оти унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа му рекол дека мисли оти има голем притисок врз Србија.

Косовскиот премиер Албин Курти, пак, денеска изјави дека е подготвен да оди во Брисел на средба во рамките на дијалогот со Белград штом ќе дознае во каква состојба се тројцата косовски полицајци кои беа уапсени од српската полиција, пренесува „Коха“.

„Подготвен сум и заинтересиран да одам на следниот состанок во Брисел, со цел детално да ги презентираме сите овие податоци што ги добивме и да разбереме дека деескалацијата што сите ја бараат значи итно и безусловно ослободување на тројца полицајци и казна за српската агресија на Косово“, изјави Курти.

Радиотелевизија Србија (РТС) денеска јави дека камиони од правец на Косово и Метохија не можеле да поминат кон Србија преку административниот премин Јариње, бидејќи возачите на камиони кои веќе една недела стојат на преминот, сакаат да го изразат својот револт со блокада и да ја забрзаат одлуката на Приштина за укинување на мерката со која се забранува преминување на камиони со српска стока и камиони со српски регистарски таблички.

Како што јави РТС, од Краљево до преминот Јариње има вкупно 700 камиони што чекаат да поминат кон Косово. Возачи за српскиот јавен сервис изјавиле дека автобусите и патничките автомобили сè уште можат да минуваат до централна Србија, но и „тоа наскоро би можело да се промени“.

И во градот Рударе кај Куршумлија продолжува блокадата на главниот пат што води од Прокупље до административниот премин Мердаре, пренесува РТС. Патот е блокиран од синоќа, поради забранетиот увоз на српски производи во Косово.

Покрај ова, блокиран е патот и кон преминот Брњак.

Инаку, македонскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска рече дека остварил комуникација со шефовите на дипломатиите на Србија и Косово, повторувајќи го повикот за активности од двете страни за итна деескалација на состојбите на северот од Косово.

„Од клучно значење е Србија да дозволи итен пристап и ослободување на притворените косовски припадници на полицијата. Косово и Србија треба да почнат со имплементација на предложениот план за  де-ескалација на меѓународната заедница, потсетувајќи се дека КФОР има задача да обезбеди безбедност и стабилност во северните општини на Косово“, рекол Османи.

Тој ги повика двете страни да работат на мир и стабилност, укажувајќи на подготвеноста на ОБСЕ за активна улога во овој процес, соодветно на потребите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петнаесет работници лани загинале на работните места

Утре, в недела, на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во паркот на улицата Пандил Шишков во општина Аеродром ќе бидат засадени 15 дрвца, колку што изнесува...