Во Скопје од јануари досега 446 пријави за каснување од куче

Фото: Арбнора Мемети

Од почетокот на годината до крајот на месец август, Mинистерството за внатрешни работи регистрирало 446 пријави за каснување од куче.

„Мета.мк“ и претходно пишуваше за бездомните кучиња и пријавите за каснување од истите. Во јуни, тогашните податоци покажаа 310 пријави по овој основ за првите пет месеци од годината. Што значи, за два месеци евидентирани се нови 136 случаи.

Статистиката што ја води ресорното министерство покажува дека на територија на Град Скопје, вкупно 1.454 граѓани пријавиле каснување од куче во периодот 2017-2020 година.

Но проблем со бездомни кучиња не е случај само во Скопје. „Мета.мк“ објави и за статистиката во другите градови, која покажа дека освен Скопје, најголем број на пријави за каснување од куче има и во Охрид.

Горливиот проблем со бездомните кучиња треба да ја добие својата разрешница во текот на овој месец. Иако во медиумите неколку пати имаше најави за отворањето на Јавното претпријатие за бездомни кучиња „Лајка“, последниот изговор на градските власти беше пандемијата со корона вирусот која ги забави сите процеси. Оттаму велат дека се очекува јавното претпријатие „Лајка“ да биде отворено во првата половина на месецов.