Во Скопје и Охрид најмногу пријави за каснување од куче во последните 4 години

Фото: Wikimedia Commons

На територија на државата во последните четири години, најмногу пријави за каснување од куче имало во Скопје. До Секторот за внатрешни работи во Скопје пристигнале 1.454 пријави, за кое претходно пишуваше Мета.мк.

Но ова е проблем со кој се соочуваат и граѓаните од останатите места во државата. Пријави за каснување од куче евидентирани се и во другите сектори на Министерството за внатрешни работи. Според податоците за периодот 2017 – јуни 2020 година, по Скопје, најмногу пријави (426) пристигнале до СВР Охрид, а најмалку (58) во СВР Штип.

Анализата на пријавите до сите сектори на територија на РСМ покажува дека најмногу граѓани пријавиле каснување во 2019 година, а најмалку оваа година, имајќи ја предвид ситуацијата со корона вирусот.

  • 2017 година: 260 пријави
  • 2018 година: 678 пријави
  • 2019 година: 1041 пријави
  • 2020 година: 480 пријави

Минатата година се затвори и стационарот за бездомни кучиња „Вардариште“, а во скоро време се очекува да почне со работа новото јавно претпријатие „ЛАЈКА“.

Од Град Скопје посочуваат дека со новиот стационар ќе се зголеми капацитетот од 81 внатрешен бокс на 100 внатрешни апартмани за кучиња со подно греење.

„Дополнително се во изградба и 60 надворешни боксови за кучиња со што капацитетот е дуплиран. Во моментов се вршат финалните градежни работи и се работи на добивање на потребните дозволи, по што ќе започне работата на новиот стационар“, појаснуваат од градската администрација.