fbpx

Владата со законски измени – за лицата на „црната листа“ на САД ќе се отвораат постапки

Владата денеска најави дека ќе изврши законски измени преку кои ќе овозможи отворање на постапки за субјектите кои се наоѓаат под санкции од САД

-

Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Рамиз Мерко, Сашо Мијалков, Никола Груевски се само дел од лицата кои во изминатиов период се најдоа на „црната листа“ на САД, а владата денеска најави дека ќе изврши законски измени преку кои ќе овозможи отворање на постапки за субјектите кои се наоѓаат под санкции од САД.

Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал денеска одржало состанок, на кој се разгледувала можноста за зајакнување на рестриктивните мерки во однос на листата на санкции на Соединетите Американски Држави, информираат од владината прес-служба.

„Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и хибридните закани, да можат да се применат и во нашата држава и опфатените субјекти да подлежат на санкции согласно домашното законодавство“, информираат од Владата.

Присутните на состанокот се согласиле околу потребата да се изготви ефективно решение, со кое ќе се прошири опсегот на листата на санкции и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во нашето законодавство.

„Поддршката на САД како докажан сојузник на Република Северна Македонија е од огромно значење, како и напорите на американската влада за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот“, стои во соопштението од владата.

Координативното тело заклучило дека по консолидацијата на забелешките и предлозите од членовите кои се дискутирале на денешната седница, предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки ќе се достави до Владата и ќе биде разгледан и усвоен на некоја од наредните седници.

На денешниот состанок, со кој претседавала вицепремиерката Грковска, учествувале вицепремиерот за европски прашања, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии, директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и правда.

Инаку, последен на „црната листа“ на САД се најде бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, поради неговата вмешаност во значителна корупција, како што соопштија во известувањето од Стејт департментот. На него му е забранет влез во САД, а одлуката беше соопштена месецов.

Црвен картон од САД за Кочо Анѓушев – прогласен за неподобен за влез во земјата

Претходно во јули годинава на „црната листа“ на САД се најде и бизнисменот Орце Камчев. Американските власти утврдиле дека Камчев го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист.

И Орце Камчев се најде на црната листа на САД

На црната листа на САД се најде и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој во јуни годинава беше впишан поради неговата вмешаност во значителна корупција.

Во април 2022 година, Американскиот Стејт департмент ги стави на црна листа поранешниот премиер Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција.

Стејт департментот ги стави на црна листа Груевски и Мијалков

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...