Од 1 јануари вработување во администрацијата без амин од Министерство за финансии

Сите министерства, јавни претпријатија, јавно-приватни субјекти и сите друштва кои се во државна сопственост од 1 јануари 2024 година ќе може да вработуваат без да добијат согласност од Министерството за финансии

-

Сите министерства, јавни претпријатија, јавно-приватни субјекти и сите друштва кои се во државна сопственост од 1 јануари 2024 година ќе може да вработуваат без да добијат согласност од Министерството за финансии. За ова денеска информираше министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата со новинари, на која посочи дека ова е предвидено со измени во Законот за буџети кој е во собраниска процедура.

„Од 1 јануари следната година се воведува системска промена во процесот на вработување во јавниот сектор, преку поедноставување на постапката и нејзино децентрализирање на микро ниво, односно на ниво на менаџмент на институцијата во која треба да се реализира вработувањето“, информираат од Министерството за финансии.

Бесими објасни дека преку новата поедноставена постапка, процесот на вработување во јавниот сектор ќе се врши врз основа на одобрен план за вработување во буџетскиот корисник или институцијата и врз основа на изгласаниот Буџет во Собранието, надополнето со изјава од страна на раководното лице на институцијата за обезбедени средства за вработување за која сноси одговорност.

Тој додаде дека на ваков начин се децентрализира процесот и се алоцира одговорноста на микро ниво, на ниво на менаџментот во институцијата во која се реализира вработувањето и дека таа одговорност се зацврстува со изјавата што ќе се потпишува од страна на раководното лице во Агенцијата за вработување или Агенцијата за административни службеници, во зависност каде ќе се објави огласот.

„Станува збор за сериозна реформа во постапката за вработување, со која се децентрализира процесот и ќе се подобри управувањето со човечкиот капитал. Постапката има контролни механизми, односно нема да може да се објави оглас без тоа да е одобрено во Планот за вработување“, потенцира министерот Бесими.

На средбата со новинарите, тој се осврна на прашањето со вработување во здравствениот сектор, при што посочи дека се бара одржливо решение, дека се води комуникација на дневно ниво, се разгледуваат сите опции и ќе се креира решение според потребите.

Во однос на прашањето за платите на вработените во Министерството за финансии, посочи дека се чека на одлуката на Уставниот суд, но дека Министерството за финансии останува на претходниот став во однос на платите на вработените.

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан, САД и Европа ги осудија нападите на Израел врз мировниците

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан откако бил погоден од огнено оружје, соопштија привремените сили на ОН во Либан (Унифил). Во соопштение, Унифил вели дека мировникот во...