Тинејџерот што ја хакираше „ГТА“ осуден на доживотен болнички затвор

Тој продолжил со хакирање и додека бил под полициска заштита во хотел. И покрај тоа што му бил одземен лаптопот, Куртај успеал да ја хакира компанијата „Рокстар“ која стои зад „GTA“, користејќи го уредот „Amazon Firestick“, неговиот хотелски телевизор и мобилен телефон

фото: принтскрин од официјалниот трејлер на Јутјуб

18-годишниот хакер кој имал клучна улога во протекувањето на клиповите од сè уште необјавената игра Grand Theft Auto (GTA) е осуден на доживотен затвор во болница, се вели во извештај на Би-би-си.

Арион Куртај од Оксфорд, кој е лице со аутизам, бил клучен член на меѓународната хакерска банда „Lapsus$“. Нападите на бандата врз технолошките гиганти, меѓу кои и „Uber“ (Убер), „Nvidia“ (Енвидиа) и „Rockstar Games“ (Рокстар Гејмс), ги чинеа фирмите речиси 10 милиони долари.

Судијата во случајот рече дека вештините и желбата на Куртај да врши сајбер-криминал значат дека тој претставува висок ризик за јавноста. Тој ќе остане доживотно во безбедна болница, освен ако лекарите не проценат дека повеќе не претставува опасност.

Пред судот беше кажано дека 18-годишникот бил насилен додека бил во притвор, при што имало десетици пријави за повреда или причинета материјална штета.

Лекарите сметале дека Куртај не е способен за да му се суди поради неговиот тежок аутизам, па од поротата беше побарано да утврди дали тој ги извршил наводните дела или не – а не дали тоа го сторил со криминална намера.

Проценката на менталното здравје користена како дел од сослушувањето за изрекување на пресудата покажа дека тој „продолжил да ја изразува намерата да се врати на сајбер-криминалот што е можно поскоро“.

Додека 18-годишниот хакер бил на кауција за хакирање на „Nvidia“ и под полициска заштита во хотел, тој продолжил со хакирањето, при што го извршил своето најозлогласено дело. И покрај тоа што му бил одземен лаптопот, Куртај успеал да ја хакира компанијата „Рокстар“ која стои зад играта „GTA“, користејќи го уредот „Amazon Firestick“, неговиот хотелски телевизор и мобилен телефон.

Куртај украл 90 клипови од необјавената и долгоочекувана „GTA 6“, по што ги објавил клиповите и изворниот код на форум. По ова, 18-годишникот бил повторно уапсен и задржан во притвор до неговото судење.

Трејлерот за „GTA 6“ беше објавен на почетокот од месецов, при што за само 4 дена собра 128 милиони прегледи.

На судските рочишта, одбраната на Куртај тврдела дека успехот на трејлерот е доказ оти хакирањето не предизвикало сериозна штета за развивачите на играта.

„Рокстар“ пред судот кажа дека хакирањето ги чинело 5 милиони долари и илјадници часови од времето на персоналот.

За виновен во истото судење е прогласен и друг член на „Lapsus$“ – 17-годишник кој поради возраста не може да биде именуван.

Куртај и 17-годишникот се првите членови на групата „Lapsus$“ кои се осудени, а останатите сè уште се на слобода. За групата се претпоставува дека се состои од членови од Обединетото Кралство и Бразил и дека поголем дел од нив се тинејџери.

Американските сајбер-власти издадоа долг извештај за оваа и други тинејџерски хакерски банди, во кој се заклучува дека малолетните членови многу лесно можеле да се инфилтрираат дури и во организации со добра безбедносна заштита.