Поради протекување на информации, трејлерот за „ГТА 6“ објавен еден ден порано

Играта нема конкретен датум за излегување, но се знае дека нема да биде објавена пред 2025 година

фото: принтскрин од официјалниот трејлер на Јутјуб

Трејлерот за долгоочекуваното шесто продолжение на видеоиграта „Grand Theft Auto“ (GTA 6) протече пред време, по што беше и официјално објавен еден ден порано од најавеното. Повелете и погледнете го трејлерот:

Како што и се мислеше, играта има женски протагонист Lucia (Луција), која, според протечените информации, во „GTA“ светот е во врска со ликот Jason (Џејсон), со кого имаат класична “Бони и Клајд” тип на приказна – криминален неразделив љубовен пар што се сакаат до смрт. Последни две успешни филмски остварувања на оваа тема се филмовите од деведесеттите „True Romance“ (Вистинска Романса) и “Natural Born Killers“ (Родени Убијци) од кои се очекуваат референци во бруталноста на самата игра. Овде приказната е за видеоигра, па токму поради тоа што се работи за „ГТА 6“, не се знае какви екстремни ситуации може да се случат во неа. Музиката во трејлерот е од Том Пети – извонреден рокер, текстописец и гитарист кој почина во 2017 година од срцев удар. 

Видеоиграта „ГТА“ е една од најиграните „Single Player“ видеоигри во светот, особено поради факторот на „Free Roam“ (слободно шетање) додека правите хаос и уништување каде и да отидете низ градот и експериментирате со различни возила и ги туркате границите на играта заради одлично сработените реакции на NPC (Non-Player Characters) ликовите.

Досега најдобрата приказна и нов распон на опции беше во верзијата „Сан Андреас“. Секако, и „ГТА 5“ изненади со префрлувачка приказна со три протагонисти и секакви интересни крими-наративи, но во однос на гејмплејот приказната секогаш била во заден план. Но, „ГТА 5“ имаше две објавувања – едно за конзоли и потоа, по некое време, и за компјутери, така што многу луѓе ширум светот ја имаа купено во двете верзии. Исто така, и на почетокот на нудењето бесплатни игри кога стартуваше „Epic Games“ (Епик Гејмс) платформата, „ГТА“ беше бесплатна.

Девелоперите „Rockstar“ (Рокстар) велат се свесни оти поголемата популација на играчи им е на персонални компјутери, но, сепак, во нивната официјална најава го спомнуваат само излегувањето на играта на конзолите „Sony PlayStation 5“ и најновиот „Xbox“. Ова е особено важно за онлајн верзиите на „ГТА“ каде компјутерот се преферира од повеќе аспекти – текстуална комуникација со пишување на тастатура, можности за модирање на играта, навикнатост на контроли и слично. 

Според ова, сè уште не се знае како ќе се постапи во однос на продажбите – можно е симултано излегување на сите платформи и уреди, односно, и конзоли и компјутери.

Играта нема конкретен датум за излегување, но се знае дека нема да излезе пред 2025 година. 

Во првите 2 часа од излегувањето на овој прв трејлер за „ГТА 6“, видеото има преку 19 милиони прегледи на Јутјуб.