fbpx

Вистиномер: Примив вакцина против ковид, дали смеам да се вакцинирам против сезонски грип?

-

Дилемата којашто се јавува кај пациeнтите е дали оние кои се имунизирани против ковид-19, може да примат и вакцина против грип. Комитетот за имунизација препорачува граѓаните кои се вакцинирале со вакцина против ковид-19, две недели по примената втора доза, може да се вакцинираат против сезонски грип, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Откако удри цунамито на ковид пандемијата, грипот е во втор план, барем психолошки кај граѓаните. Секој симптом на горно респираторна инфекција, покачена телесна температура, снеможеност или кашлица, најпрво се проверува низ филтерот на ПЦР тестот, за да се елиминира или да се потврди дека станува збор за ковид. За грипот се размислува поретко, иако и тој е присутен во земјава и иако и неговите ризици се присутни, особено за повозрасните лица и за имунокомпромитираните граѓани.

Доктор Јованка Сурлакова Коровешовска, епидемиолог со долг, повеќедецениски стаж во Центарот за јавно здравје Охрид, вели дека годинава нема ниту еден случај на сезонски грип, односно инфлуенца во овој Центар.

Не е затоа што нема грип, туку никој не се тестира за грип. Во преден план е ковид и сите се тестираат за ковид, ни рече доктор Сурлакова Коровешовска.

Симптомите на почетокот се слични во одреден дел, па медицинските професионалци неможно е да утврдат каков патоген ја предизвикал инфекцијата со која се бори пациентот, додека тоа не се види на тестот. А, вакцините, исто како и во случајот кога станува збор за ковид, и во случајот кога станува збор за грип се најмоќното оружје за справување со оваа заразна инфекција.

Во 2019 година, вакцинацијата против грип почна на 22 ноември, а во 2020 година на 10 ноември. Од Министерството за здравство за „Вистиномер“ велат дека потпишале договор за набавка на 40 илјади дози на четиривалентни вакцини и дека годинава, вакцинацијата против грип не доцни.

Министерството навремено ја спроведе набавката на вакцини за сезонски грип. Достапноста и испораката на вакцините зависи од производителите. Засега планирани се 40.000 дози наменети за бесплатна вакцинација. Доколку има потреба Министерството за здравство ќе набави дополнителни количини. Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, МЗ ќе обезбеди бесплатна вакцинација против сезонски грип на следните ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години.  Комерцијалните вакцини против грип ги набавуваат Центрите за јавно здравје од сопствен буџет и истите ја одредуваат цената на вакцината, велат од Министерството за „Вистиномер“.

Секоја година интересот за вакцинирање против сезонски грип е сѐ поголем, особено кај хронично болните и постарите лица кои поради позитивното искуство од претходните години, редовно се вакцинираат. Во првата година од пандемијата на ковид, во 2020, во Центарот за јавно здравје Скопје за само неколку часови  се потрошија сите комерцијални вакцини против грип по принципот прв дојден, прв услужен. На граѓаните не им се чекаше да добијат бесплатна вакцина преку системот „Мој термин“, чии што термини пак експресно беа зафатени, па решија да извадат 600 денари од џеб и да се вакцинираат во Центарот за јавно здравје Скопје со комерцијална вакцина. Овој Центар имаше можност да набави само 4 илјади вакцини против грип, поради високата побарувачка во светот, па, така, голем дел од граѓаните останаа неимунизирани и вакцина против грип бараа во Србија, каде таа се купува во аптека.

Ланското искуство со високиот интерес за вакцинација во ЦЈЗ Скопје, не предизвика оваа институција годинава да порача поголема количина вакцини. И годинава оттаму нарачале само 4 илјади вакцини, кои ќе бидат достапни најдоцна за еден месец. Станува збор за четиривалентни вакцини кои штитат од четири видови на инфлуенца.

 

Вакцина против ковид и вакцина против грип?

Недоумиците кои се јауваат кај пацинетите е дали тие што се имунизирани против ковид-19, претставува пречка да примат и вакцина против грип. Краткиот одговор е НЕ.

Од Министерството за здравство за „Вистиномер“ велат дека Комитетот за имунизација има и официјална препорака за тоа како треба да тече оваа имунизација.

Граѓаните кои се вакцинирале со вакцина против ковид-19, во рок од две недели, односно 14 дена, по примената втора доза, може да се вакцинираат со вакцина против сезонски грип, ни рекоа оттаму.

Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Александар Стојанов пак, не се согласува дека има потреба од чекање. Тој е долгогодишен епидемиолог и во Центарот за јавно здравје има поминато децении. Гледал како пред заминување во странство, млади лица примале и по неколку вакцини за да се заштитат од болести и потсетува дека на новороденчињата неколку дена по раѓањето, им се администрираат повеќе вакцини. Вакцините, тврди доктор Стојанов не се опасни и не треба да се проблематизира нивното заедничко земање, особено кога станува збор за оние против ковид и грип. Според доктор Стојанов, не е доволно тоа што досега со 2 дози се имунизирани само 45 проценти од граѓаните и треба да се работи на зголемување на тој процент за да се осигура колективен имунитет.

Во едната рака може да се прими вакцина против грип, а во другата вакцина против ковид. Нема никаков проблем и контраиндикации. Гледам дека некои лекари сугерираат да помине недела или две меѓу двете вакцини, но нема потреба. Може и истовремено. Вакцините штитат и се ефикасни, ни рече доктор Стојанов.

Професор доктор Александра Грозданова, од националниот Комитет за имунизација на состанок со Лекарската комора рече дека вакцините против ковид и грип може да се комбинираат и да се примат или во ист ден или на временско растојание од две недели.

За бесплатните вакцини против грип, кога ќе пристигнат ќе се примени стандардниот начин на закажување преку системот „Мој термин“,  преку матичниот лекар. Ова не важи за сите туку само за постари од 65 години, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години и хронично болни лица. На останатите граѓани им преостанува да платат комерцијална вакцина против грип во локалниот Центар за јавно здравје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...