Картинг пред претседателскиот кабинет: Петар Богатиновски се подготвува за Светско првенство во картинг

Фото: Овицијален ФБ профил на претседаателот Стево Пендаровски

Картинг шампионот или како што медиумите во светот го нарекуваат македонското чудо од дете, 12 – годишниот Петар Богатиновски вчера го возеше својот картинг пред претседателскиот кабинет.

Претседателот Стево Пендаровски на Фејсбук изрази поддршка за Петар, кој со победата во Централна Европска Зона – CEZ, е првиот Македонец којшто се квалификуваше за светското првенство во Бахреин во декември годинава.

„Иако има само 12 години, досега Петар Богатиновски освоил 7 шампионски титули. Поддршка за младиот Петар на претстојното Светско првенство во Бахреин“, објави Пендаровски.

Петар, освен тоа што возеше, на претседателот му го покажа и билетот за светското првенство во кралството Бахерин кој го освои во CEZ.

Досега Петар освоил 7 шампионски титули. Зад воланот во картинг болид седнал на 4 години, а својот прв професионален настап го имал во 2016 година кога имал полни 7 години. Оттогаш постојано реди успеси.

За жал, во 2018 година кога ја освоил шампионската титула во Србија, шампионската титула на Македонија и вицешампионската во CEZ шампионатот, поради недостаток на спонзори бил принуден да ја одбие понудата да стане дел од тимот на Ралф Шумахер (јуниор тим) во Лонато – Италија каде ги поминал тестирањата и покажал извонредни резултати.

Покрај фасцинираноста од Формула 1, за која неговиот татко Игор Богатиновски сведочи дека се појавила кога Петар имал само две години инспирација за да стане картинг пилот ја добил и од анимираниот филм „Lightning McQueen“.