fbpx

Пакет за проширување на ЕК 2021: Фокус на отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, но како? 

-

Годинешниов пакет документи за проширувањето на Европската комисија веќе целосно ја спроведува новата методологија за проширување на ЕУ, се вели во кратката анализа на ЕПИ за Извештајот за Северна Македонија.

Тоа најпрвин се гледа во структурата, така што сега и националните извештаи, покрај Стратегијата – регионалниот документ,  сега се подредени според новата Методологија – по кластери. Меѓутоа, примената на новата методологија е видлива и во посуштествените елементи на процесот – особено неговото „политичкото водење“.

Со клучните наоди и заклучоци ЕК останува на безбедна страна, главно повторувајќи ги веќе усогласените формулации од државите членки во нивните заклучоци од Советот за општи работи и Декларацијата од Брдо.

Фокусот оваа година, и во самиот текст на документите, и во претставувањето што следеше во Европскиот парламент, беше на „официјалното“ отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Комисијата инсистира првите меѓувладини конференции да се одржат до крајот на годинава, со предупредување за нарушениот кредибилитет на ЕУ. Меѓутоа, останаа без јасен одговор многуте прашања на европратениците, како и на новинарите, како ќе се оствари тоа. И покрај уверувањата на комесарот за неговиот силен ангажман во наоѓањето излез од „спорот“ меѓу Бугарија и Северна Македонија, дури и преку „тајна помош“ од европратеник, на крајот топката сепак се пренесе на Словенечкото претседателство. Хоризонтот на заклучоците на Комисијата и на дебатата остана само до првата меѓувладина конференција. Комисијата, очигледно го применува принципот „чекор по чекор“. Одржувањето на оваа конференција претпоставува усвојување на преговарачките рамки за двете земји, што е извонредно значаен чекор – но, сепак, само прв чекор на еден долг и неизвесен процес.

Северна Македонија и Албанија видливо се разликуваат од другите држави според оценките на ЕК, особено во однос на демократските институции и поглавјата од владеењето на правото.  Нивото на подготвеност во овие области Комисијата главно го оценува слично за овие две земји како и државите што веќе почнаа преговори – од „одредено“ до „умерено“ ниво на подготвеност (2 до 3 на скала до 5). Меѓутоа, оценките генерално во поглед на напредокот во реформите и посветеноста и агендата за ЕУ се значително попозитивни одошто за другите држави во регионот, со атрибути за „постојана динамика на реформите“ и нивни „опипливи резултати“.

Што се однесува, пак, до Црна Гора и Србија, интересно е што, по прифаќањето на новата Методологија за проширување од страна на овие две држави, меѓувладините конференции ЕК почна да ги брои одново, па така конференциите за преговорите одржани со овие две земји во јуни 2021 година се нарекуваат „прва политичка меѓувладина конференција“. Секако, придавката „политичка“ е во контекст на поголемата улога на државите членки и нивното „политичко водство“ според новата Методологија. Извештајот е многу критичен во однос на состојбите во Црна Гора, која доби нова Влада, но се бори со политички поделби за прашања поврзани со верските заедници и етницитетот, бојкоти на парламентот, а реформите во владеењето на правото, најблаго речено, стагнираат. За Србија Комисијата главно оценува „органичен напредок“ во темелните области. Меѓутоа, истовремено констатира дека ги исполнила одредниците за отворање на третиот и четвртиот кластер. Секако, политичката одлука за отворањето ќе зависи од „општата рамнотежа во преговорите“, односно од Кластерот Темели и Поглавјето 35 – Односите со Косово. Индикативно е што во дебатата во Европскиот парламент, на комесарот за проширување му беше забележано на неговата „наклоност“ кон Србија, за што веќе претходно пишуваа бриселските медиуми.

Босна и Херцеговина стагнира, па дури и назадува во процесот. Фокусот Комисијата го става на исполнувањето на 14-те одреденици поставени во Мислењето по барањето за членство во 2019 година.

За Косово се констатира „ограничен напредок“ во реформите за ЕУ и во спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Комисијата продолжува да инсистира на визна либерализација.

Наодите и препораките на Комисијата  за односите меѓу Белград и Приштина, остануваат на „безбедна страна“ – главно нетурални и повторувачки. Еропратниците ѝ забележуваа на Комисијата за недоволното користење на сите инструменти што во овој процес ѝ се на располагање, но со видливи политички разлики.

Конечно, ако некој бара став на ЕК за иницијативата „отворен Балкан“, ќе го најде во следнава реченица: „наместо унилатерални мерки, неопходна е инклузивна регионална соработка“. Картите очекувано повеќе се отворија во дебатата во Европскиот парламент, кадешто стана поочигледен отпорот кон оваа иницијатива.

Во ЕУ Пакетот сега преминува во рацете на државите членки – Советот за општи работи на ЕУ, а европарламентарците веќе почнуваат да ги подготуваат извештаите, врз основа на кои Европарламентот ќе донесе резолуции – очекувано во март идната година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...