Вестминстер: Младите како кандидати за пратеници ретко се на добитни позиции

Истражување на Фондација за демократија Вестминстер / фото: Фондација за демократија Вестминстер

Просечната возраст на кандидатите за пратеници на претстојните парламентарни избори е 42,54 години. Партијата со најмлади кандидати има просечна возраст од 32,3 години, додека највисоката просечна возраст кај една партија е 53,2 години. Најмладите кандидати на овие избори имаат 18 години, додека највозрасниот кандидат 87 години. Ова се дел од наодите на новото истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер за позицијата на младите на парламентарните избори 2020.

„Според истражувањето, дури и кога младите се претставени на листите, првите позиции со најголема веројатност за пратеничко место, се помалку достапни за нив. Според кандидатските листи, кандидатите на првите 5 позиции се 2,6 години постари од остатокот од кандидатите. Изборната единица со најмлади кандидати во просек е И.Е. 6 со 40,6 години, додека највисока просечна возраст има во И.Е. 1 со 44,7 години“ информираат од Фондацијата Вестминстер.

Оттаму појаснуваат дека при истражување, забележано е дека застапеноста на младите кај политичките партии со кандидатски листи во сите шест изборни единици, политичката партија со најмногу млади има 38 млади лица од 120 кандидати, додека само 3 партии одвоиле над 30 позиции за млади кандидати од своите 120. Процентот на застапеност на млади лица на возраст од 18 до 29 години на листите се движи од 35 проценти кај партијата со најмногу млади кандидати, до 1,7 проценти кај партијата што има најмал број.

„Иако младите луѓе сочинуваат голем дел од населението и се клучна алка за одржливоста на општеството, тие се најчесто диспропорционално вклучени во политичките тела кои ги претставуваат интересите на граѓаните. Отсуството на можности за квалитетен живот резултира со иселување, незадоволство и апатија. Поради ова вклученоста на младите во политичките процеси е предуслов за подобрување на можностите за младите во земјата, а нивната претставеност во институциите кои ги претставуваат граѓаните важна за нивната репрезентативност“ велат од Вестминстер.

Учеството на младите е комплексно прашање со различни аспекти, сметаат од Фондацијата за демократија, но како што велат, малку се зборува за застапеноста на младите во институциите кои носат одлуки и во програмите на политичките партии од кои често се раѓаат јавните политики.