Фото: Daniel Schludi на Unsplash

Рано утрово пристигнаа 200.000 дози на вакцините на Синофарм, обезбедени во директни преговори со производителот. Со овие вакцини ќе се овозможи масовна имунизација на населението, информира министерот за здравство Венко Филипче, кој ја најави престојната имунизација од вторник, веднаш после дистрибуцијата на предвидените дози до сите пунктови каде ќе се спроведува вакцинацијата.

Вакцините ќе бидат сместени во ладната соба во поликлиниката „Јане Сандански“, а ќе се дистрибуираат според закажаните термини за имунизација, врз основа на заинтересираноста која граѓаните ќе ја искажат најпрво преку веб страната vakcinacija.mk , но и преку матичните лекари. Филипче изјави дека верува дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население кое ќе биде вакцинирано, а во текот на овој месец се очекува да пристигнат и дополнителни поголеми количини на вакцини, со што ќе се придонесе до поголем опсег на имунизацијата.

„Утрово пристигнаа долгоочекуваните вакцини од производителот Синофарм од Народна Република Кина и на почетокот изразувам голема благодарност за личниот ангажман на амбасадорот н.е. Џанг Ѕуо, за луѓето од неговиот тим со кои комуницираме секојдневно во изминатиот период и благодарение на нивното инсистирање, оваа пратка е сега во нашата земја. Станува збор за количина од 200.000 вакцини што службите ќе ги одработат во делот на проверката на ладниот ланец“, изјави Филипче.

Вакцините ќе бидат сместат во ладната соба што беше поставена со помош на  Фондацијата “Direct Relief” и од тука, во текот на следните денови, најдоцна во понеделник, ќе бидат дистрибуирани во сите вакцинални пунктови. Тоа се пунктовите  во Скопје, во салата „Борис Трајковски“ и во 6 други градови, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола. Според распоредот на веќе пријавени граѓани ќе биде распределена и бројката на вакцините.

„Процесот на вакцинација ќе започне во вторник. Ова е месец во кој очекуваме и други, значајно големи количини на вакцини и искрено верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население кое ќе биде вакцинирано, што ќе придонесе до целосно менување на сликата на епидемијата кај нас“, изјави Филипче.

Амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, рече дека сплотеноста на земјите при процесот на имунизација значи многу за глобалното справување со пандемијата, а со ова се испиша ново поглавје во пријателските односи меѓу двете земји. НРК во моментов сѐ уште е во процес на масовна вакцинација, а веќе 200.000 милиони лица се вакцинирани, но со оглед дека земјата има население од 1,4 милијарди жители, сè уште трае процесот на имунизација.

„Пристигнувањето и официјалното доставување на првите 200.000 дози на вакцини Синофарм против ковид-19 во Северна Македонија, не само што претставува нова пресвртница на солидарноста меѓу нашите земји во борбата против епидемијата, туку исто така напиша и ново поглавје во пријателските односи. Вакцинацијата е важен чекор во спречување, контрола и пораз на епидемијата. Кина ги прогласи вакцините за глобално јавно добро и се приклучи на програмата Ковакс на СЗО. Обезбедуваме итно потребни вакцини на повеќе од 100 земји и меѓународни организации“, рече Џанг Ѕуо. Тој додаде дека, побарувачката за вакцини во Кина е огромна, но како и да е, земјата наоѓа начини да обезбеди поддршка на земјите во неволја, вклучително и Северна Македонија, за заедничка заштита на животот и здравјето на луѓето.