fbpx

Немало план да се набават ковид вакцини од „диви фармацевтски компании“

Не е точно дека Филипче и Заев сакале да набават ковид вакцини од диви фармацевтски компании, туку вакцините се набавени со повеќе механизми, како и со директно преговарање со производителите во регуларна процедура

-

Во објавата се изнесуваат невистини, меѓу кои и таа дека има обвинети за случајот Онкологија. Во овој предмет што е во фаза на истрага, нема обвинети, туку има петмина осомничени, меѓу кои не е ексминистерот за здравство Венко Филипче. Исто така, немало план вакцините да се набават од „диви фармацевтски компании“, туку се набавени преку повеќе механизми, меѓу кои директно преговарање со производителите, Ковакс механизмот и донации од други држави, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ДЕНЕС НАУТРО Е УАПСЕН НИНО ВАСЕВ,поранешен директор на Онкологија кога беше министер Г(ф)илипче. Васев е како втор обвинет додека првообвинетиот Г(ф)илипче е се уште на слобода.
Каде го крие Сдс министерот на смртта кој во 2020-2021 како министер за здравство и премиерот Заев кои сакајки да профитираат од ковид 19 се виновни за смрт на неколку илјади граѓани.
ТИЕ ТАЈНО САКАА ДА НАБАВАТ ВАКЦИНИ ПРЕКУ ДИВИ ФАРМАЦЕВСКИ КОМПАНИИ СО ПОВИСОКА ЦЕНА АМА СРПСКИ НОВИНАРИ ГИ ОТКРИЈА И БИЗНИСОТ ИМ ПРОПАДНА,А ПОЧИНА ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ.

Не е вистина дека ексминистерот за здравство Венко Филипче е првообвинет во случајот Онкологија. Не постои ниедно лице вработено на Клиниката за онкологија или надвор од неа, кое е обвинето за овој случај. Предметот е во фаза на истрага и пет лица се осомничени за различни дела, кои не се докажани, туку засега се на ниво основи на сомнение. На поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија му се изречени мерки на претпазливост, меѓутоа и тие ќе бидат обжалени пред надлежниот суд.

Ексминистерот за здравство Филипче и експремиерот Зоран Заев, исто така, не се предмет на никаков случај за набавка на вакцини. Во текот на вакциналната кампања немаше набавка од диви фармацевтски компании на вакцините против ковид-19 по повисока цена. Во текот на вакцинацијата пристигнуваа вакцини во С. Македонија преку Ковакс механизмот.

Претседателот на Србија донираше вакцини од Србија за граѓаните во Македонија. Дополнително, за вакцините кои земјава ги набави од производителите, набавката беше координирана од Министерството за здравство заедно со Владата. Освен тоа што С. Македонија пристапи кон Ковакс механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, кој беше промовиран во април 2020 год.од Светската здравствена организација и Европската комисија, како одговор на оваа пандемија.

Европската комисија најави дека за земјите од Западен Балкан ќе одвои 70 милиони евра неповратни средства за набавка на вакцини против ковид-19, од кои 8 милиони евра за Република Северна Македонија. Покрај наведеното, С.Македонија започна директни разговори со
производителите на вакцините и беше потпишан договор со „Фајзер“ за набавка на вакцини. Ова е наведено во Националниот план за ковид вакцинација, како документот што го објаснува текот на вакциналниот процес. Тоа дека имало намера да се набавува од диви фармацевтски компании  е измислица и воопшто не кореспондира со она што било планирано и остварено во поглед на вакцините за ковид. Дополнително, не постојат „диви фармацевтски компании“.

Министерството за здравство и Владата на С. Македонија набавија количини вакцини според потребите и препораките на ИЈЗ за опфатот на популацијата за што беше развиена безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде се спроведуваше вакцинацијата. Беше користен логистички систем за вакцините коишто требаше да се чуваат во ладен ланец од 2 до 8 степени, како и за вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од минус 70 степени или минус 20 степени. За да се запази ладниот ланец на вакцините кои се под температурен режим на минус 70 или минус 20 степени, беше изготвено детално Упатство за прием, ракување, складирање и дистрибуција на вакцините. Приемот на вакцините се вршеше на Меѓународниот аеродром Скопје како едно од влезните места, но и по земјен пат на еден од граничните премини. По пристигнувањето на граничен премин Царинската управа обезбеди забрзана процедура за спроведување на царинската постапка. Сето тоа е наведено во Националниот план.

Извештаи за директните договори за набавка на вакцините и нивната достава во земјава се достапни и сите се со реномирани производители.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека Филипче и Заев сакале да набават ковид вакцини од диви фармацевтски компании, туку вакцините се набавени со повеќе механизми, како и со директно преговарање со производителите во регуларна процедура. Не е точно дека Филипче е обвинет во случајот Онкологија, како што засега никој не е обвинет, бидејќи постапката е во фаза на истрага на Јавното обвинителство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...