fbpx

Урко: Lupus in Magnus est

-

Во неколку разговори што ги објави опозицијата, граѓаните имаа можност да го слушнат името на Дејан Митревски-Урко, поранешната верна сенка на премиерот Никола Груевски. Од прислушуваните разговори, се добива впечаток дека Митревски уште вечерта знаел и два дена го криел убиството на младиот Мартин Нешковски на прославата по победата на ВМРО-ДПМНЕ, на парламентарните избори во 2011 година, кое го изврши припадникот на специјалната полициска единица „Тигри“, Игор Спасов.

Името на Урко во разговорите се споменува дури и повеќе од името Спасов, убиецот на Нешковски.

„Мета“ се обиде да контактира со Митревски, но бидејќи не успеавме да го добиеме на неговиот мобилен телефон, му испративме СМС-порака, во коjа побаравме негов коментар за наводите од снимките што ги објави опозицијата. Го прашавме и со што се занимава сега, по разрешувањето од позицијата шеф на личното обезбедување на премиерот Никола Груевски и по затворањето на неговата агенција за обезбедување „Лупус“, но не добивме одговор.

Откако Митревски е разрешен од функцијата шеф на личното обезбедување на премиерот Никола Груевски, тој е целосно повлечен од јавната сцена и единствено е ангажиран околу својот семеен бизнис, клубот за вежбање „Магнус“.

Наши соговорници велат дека со Урко била расцепкана и целата група околу него, па така дел од поранешните „лупусаши“ се во странство, дел се во земјата, но веќе не ја уживаат „стравопочитта“ од пред неколку години.

Урко беше разрешен од обезбедувањето на Груевски во септември 2014 година. Првиот знак дека нешто се случува со верната сенка на премиерот беше кога тој се појави без својот личен телохранител на судскиот процес против лидерот на опозицијата, Зоран Заев, за клевета околу случајот „Македонска банка“.

За причините за отсранувањето на Митревски, во јавноста има повеќе верзии.

Медиумите тогаш пишуваа дека Урко бил суспендиран поради недоволна посветеност на професионалните обврски и непочитување на професионалните стандарди поврзани со угледот на вработениот, како и поради намален фокус на обврските. Ова го потврдија и надлежните институции, но ништо повеќе од тоа.

Други, пак, велеа дека причината за „заминувањето“ на Урко било од конкуретска бизнис-логика, односно исфрлање на неговата агенција за обезбедување од бизнисот за сметка на новата агенција СГС, што се појави во меѓувреме и за кратко време го презеде обезбедувањето на најголемите фирми и објекти во главниот град, но и во градовите од внатрешноста.

Наши соговорници, пак, коментираат дека не и ниту едното ниту другото, туку дека Митревски бил отстранет од стуктурата на власт бидејќи, едноставно, не им бил потребен повеќе.

Митревски беше актуелен во медиумите и во мај 2012 година, кога стана магистер по политички науки на Европскиот универзитет и застана на исто академско рамниште со својот шеф, Никола Груевски, но и со првите луѓе на МВР, министерката Гордана Јанкулоска, тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Љупчо Тодоровски – Радникот и со директорот на Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

За улогата на Митревски во настаните по убиството на Мартин Нешковски и за тоа како треба да заврши постапката против убиецот Игор Спасов, во една од прислушуваните снимки што ги објави опозицијата, разговараат министерката Гордана Јанкулоска и премиерот Никола Груевски.

Јанкулоска: Мора да ги стегнеме, мислам принципиелно некои работи…
Груевски: Не знам што више да стегнам, што не сум им кажал, што не сум му напраил на овој Урко, едино да го сменам од функција…
Јанкулоска: Ги стегам и јас, мислам, ја вака понекогаш…
Груевски: Као Циган лаже, лаже као Циган…
Јанкулоска: Мене, значи, највише тоа ме извади од такт, да не ја замајуваат целава работа, ќе ја расчистевме многу брзо, значи замислете они вечерта со записникот, пошо мене никој не може да ме убеди дека така случајно е напраен записникот… падна, стана, ова она беше како непознато лице пронајдено, а овој Спасев е прв на лице место таму, значи ние правилен записник да имавме, ќе ја фатевме здраво работава, немаше ни да дојде до овде. Коа се дигна галама, коа притиснавме, ааа па не беше баш така, па го удрил, па паднал, на кабелот се сопнал… Мислам, ко мали деца да сме… Башка што ја викам добро, овие комуњариве крештат, ама некои принципиелни прашања не ги поставуваат… Како бе може со усна наредна специјалец да иде на работа?
Груевски: Не може…
Јанкулоска: Па, не може… Не може специјалец, некој малку шо знае процедура, ќе му се крене коса на глава… А усната наредба е…
Груевски: Не знам, еве види ти како… Доаѓаше по митинзи, како оној Гром доаѓаше, како Оливер доаѓаше…
Јанкулоска: Усната наредба е таа претседателе, на мобилен – дојди таму и таму.
Груевски: Е, па на усна ти треба да ги пратиш у Арачиново да седат…
Јанкулоска: Ама ја најсериозно…
Груевски: … Па другпат нека слушаат усна наредба.
Јанкулоска: Ја најсериозно, за ова ај сеа да го затвориме случајов шо ни тежи малку да се растеретиме… Кој смее бе на усна наредба да оди на работа, еве, вакво нешто ќе се деси, кој е крив? И зел прееска ми вика „ај, вика, кажи му на Хитлер, тој им е началник, он да каже дека му дал усна наредба“… Лом го напраив! Викам „како бе да му кажам, вие сте ја оплескале и уште 10 души да заглавиме сега, на што личи тоа“… Ако треба нешто да правиме, дај до тука сме ја оплескале, да ја опраиме работава, мораме да ја затвориме… И све така, ко мали деца, некоја лага ситна…
Груевски: Ај да не глеав, али боље шо не сум глеал…
Јанкулоска: Не немојте, не пуштајте, ја глеав мислам дека лексилиум треба…
Груевски: Доволно сум нервозн и без тоа…
Јанкулоска: И без тоа… „А1“, „Алфа“, ја и по „Фејсбук“ гледам за да знам, утре сакам да дадам изјава да не биде дека бегаме.
Груевски: Да, да, да…
Јанкулоска: Ама морам да видам шо зборат за да се спремам и ви кажувам почнале по „Фејсбук“, од обезбедувањето…
Груевски: Не, ти категорично кажи им тој не е член на обезбедувањето на премиерот…
Јанкулоска: Не, јас секако, нема…
Груевски: Тој работи во „тигрите“ и тоа нема врска со обезбедувањето на премиерот, второ изведен е пред суд, веројатно до тогаш ќе има и притвор…
Јанкулоска: Да, да, да, па јас планирам у 12 да дадам изјава, па до 11 да го изнесеме пред…
Груевски: Тој не бил таму службено, не сме го одредиле службено таму да биде, најверојатно бил приватно и приватно дејствувал…
Јанкулоска: Мислам, невидено нешто…

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...