fbpx

Жителите на Лагадин не сакаат агресивно менување на линијата на езерото

-

Жителите од населбата Лагадин со приговор реагираат на мегаломанските идеи за агресивно менување на линијата на Охридско Езеро. До надлежните органи и до ресорни министерства испратија приговор за зачувување, како што велат, на мирот, спокојот и на природата во населба Лагадин и крајбрежјето на потегот Лагадин – Пештани.

Приговорот е потпишан од околу двесте лица, сопственици на домови и на комерцијални објекти во населбата и долж крајбрежјето, што се, всушност, сите мештани со само неколку исклучоци.

– Сите имаат едногласен став дека ниту на Лагдин ниту на Охридско Езеро, кое светот го препознал по своите автентични природни богатства, не му доликува да стане лоша мегаломанска копија на медитеранските летувалишта. Охрид нуди богата целогодишна програма за рекреативен, еко, културен, верски, планински туризам и не заслужува неговиот идентитет да биде деградиран и промовиран како едно обично капалиште, функционално само во летните месеци. Охрид и Лагадин никогаш не биле препознатливи по своите песочни плажи, како атракција за странските гости што и онака е „демоде“ во светските туристички понуди – стои во приговорот.

Приложен е официјален документ од најголемите тур-оператори „ТУИ“ и „Корендон“ и од туристички агенции кои статистички потврдуваат дека целната група на гости кои престојуваат во Лагадин се фамилијарни гости и постари лица кои Лагадин го одбрале токму заради спокојот и блискоста со природата.

– Во однос на нашиот став за развој на еколошки туризам наместо мегаломански агресивно менување на линијата на езерото, се повикуваме и на Општина Охрид и градоначалникот Бакрачески, кој неодамна на градскиот плоштад по повод Денот на планетата Земја, 22 април, пред своите сограѓани изјави дека зачувување на животната средина е столб на нашето општество. Во својот поздравен говор, тој истакна дека Општината ги има за приоритет проектите за зачувување на природното и културно наследство, како што е обновување на прочистителните станици, системот за справување со отпадни води и слично – се додава во приговорот.

Мештаните се категорични дека системот за справување со отпадни води во Лагадин не дозволува понатамошна урбанизација и оптоварувања. Апелираат за повлекување на, како што велат, несоодветните идејни решенија.

– Бараме консултација со јавност и заедничко одлучување за иднината на јавните добра, бидејќи имплементација на овие проекти е спротивна на бројните закони за животна средина, заштитени видови и на законот за води, според кои се заштитува крајбрежјето и појасот на трска заедно со сиот растителен и животински свет. Сведоци сме на погрдни слики од фекална вода која секоја година во екот на сезоната се прелева во езерото, пред очите на странските гости – стои во приговорот на МЗ Лагадин и Еколошкото друштво „Лагадин“.

В.М.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...