Како да поднесете приговор на решенијата за одбиена студентска или ученичка стипендија?

Мета.мк ги објаснува начинот и постапката како одбиените кандидати за студентска или ученичка стипендија да се пожалат на добиените решенија

Photo by Sincerely Media on Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) во декември ги објави резултатите од конкурсот за студентски стипендии за академската 2023/2024 година, како и од конкурсот за ученички стипендии за соодветната учебна година.

Одбиените кандидати кои аплицирале за студентска, но и за ученичка стипендија, според насоките од МОН, имаат можност за жалба, откако електронски ќе го добијат решението во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена. Електронската испорака на решенијата, рекоа од министерството, се врши преку порталот „е-услугии документот се доставува директно на профилот на ученикот, односно студентот. Ова е новина која за прв пат се воведува годинава.

Од МОН за Мета.мк информираа дека изработката и испраќањето на решенијата се одвива етапно, по групи на стипендии и сите апликанти за стипендија ќе добијат решение најдоцна до крајот на март.

Студентите и учениците имаат можност да поднесат приговор во рок од петнаесет дена од денот на приемот на решението. Приговорите треба да бидат доставени до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Мета.мк ги објаснува начинот и постапката како одбиените кандидати за студентска или ученичка стипендија да се пожалат на добиените решенија.

Студентите и учениците кои не се задоволни од образложенијата во решенијата, треба да достават жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Жалбите треба да бидат испратени до Државната комисија на адресата кеј Димитар Влахов бр. 4. Жалбите можат да бидат испратени преку пошта или да се достават директно до шалтерите во просториите на Државната комисија за одлучување во управна постапка.

Жалбата може да биде испечатена или пак напишана рачно и потпишана од страна на студентот/ученикот што се жали, односно приговара.

Во жалбата студентот треба да ја наведе причината поради која приговара, односно се жали.

Како се пишува Приговорот:

 

ПРИГОВОР од: (име и презиме на студентот), со ЕМБГ (број на ЕМБГ) и место на живеење (адреса, општина, град/населено место), студент/ка запишан/а на додипломски студии на (назив на високообразовната установа)
Предмет: Приговор на резултати од Конкурс за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2023/2024 година
Приговарам на Решението со број (број на Решението) на Министерството за образование и наука од (датум на решението) доставено на мојата корисничка сметка на порталот „е-услуги“.
Иако ги исполнувам сите услови кои се бараат во конкурсот за доделување стипендии, според Решението и образложението во него, не се стекнав со правото на користење стипендија.
Во Решението е наведено дека (се наведува причината поради која апликацијата на студентот се одбива). Меѓутоа, јас го исполнувам и тој услов, односно (се наведува причина поради која студентот смета дека го исполнува условот).
Оттука, го изразувам своето незадоволство и приговарам на Решението.
Барам овој приговор да биде разгледан и се надевам дека одлуката ќе биде изменета.

 

Најдолу се наведува датум на поднесување на приговорот и потпис на подносителот на приговорот (име и презиме и своерачен потпис).

Бројот на Решението и датумот на негова изработка може да се најдат во документите што студентите ги добиле или ќе ги добијат на „е-услуги“.

Учениците што поднесуваат приговор треба да го адаптираат горенаведениот пример според околностите (да се промени името на конкурсот и образовната установа во која учат).

Пример од напишан Приговор може да се најде во овој документ:

ПРИГОВОР на резултати од Конкурсот за студентски стипендии 2024