fbpx

Ципрас – Туск: Нема да дозволиме Грција да стане „магацин на души“

-

Грчкиот премиер Алексис Ципрас и првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, денеска во Атина се согласија дека мора да постои заедничко европско решение за бегалската криза.

Туск вети дека Европската Унија нема да ја напушти Грција и ќе ѝ понуди поддршка за справување со кризата. Го повтори ставот дека исклучувањето на Грција од шенген-зоната нема да даде никакво решение на бегалската криза.

– Грција е дел од шенген-зоната, дел од еврозоната и од Европската Унија. Треба да постигнеме европски консензус и заеднички правила. Треба да избегнеме раздор зашто тој не нè приближува до решение, туку ја урива меѓусебната доверба – изјави Туск.

Тој истакна дека е приоритет да се спроведе заедничкиот договор меѓу Европската Унија и Турција за справување со бегалците.

Во заедничките изјави по средбата, Ципрас проговори остро за тоа како Европската Унија во целост се однесува кон ситуацијата со бегалците, критикувајќи ги институциите што дозволуваат земји-членки да ги кршат европските договори. Според него, ЕУ со потегот на Австрија, со кој се заглавија илјадници бегалци во Грција, се покажала слаба и немоќна да се справи со бегалската криза, а со тоа и со заедничките проблеми и со заедничката иднина. Грчкиот премиер побара од Туск да се направат напори од европските институции за да се почитуваат сите заеднички одлуки.

– Бараме да престанат едностраните чекори од некои држави кои се контрадикторни со одлуките на Европскиот совет и доведоа до драстично намалување на бројот на бегалци кои преминуваат по балканската рута и до сериозни последици за Грција и за бегалците – истакна Ципрас.

Тој одново посочи дека ЕУ се темели на солидарноста меѓу земјите членки, поради што бара товарот од бегалската криза и одговорностите рамномерно да бидат распределени меѓу сите. За тие што ќе одбегнат да земат дел од товарот, според европскиот договор, Ципрас побара да има казни и санкции.

– На границата кај Идомени бројот на бегалци е драстично зголемен. Треба да се почне со процесот на релокација и со враќање на бегалците, меѓутоа во достојни и пристојни услови. За да се случи ова, ќе бараме да се забрза процесот на релокација и од Грција, но и од Турција, за бегалците кои бараат азил во државите на ЕУ – подвлече Ципрас.

Тој беше јасен дека Грција нема да ги остави бегалците без помош и дека понатаму ќе работи на зголемување на бројот на привремени прифатни центри.

– Нема да дозволиме Грција или која било друга земја да стане „магацин на души“ – истакна Ципрас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...