fbpx

Лажна вест со злоупотребено лого на Канал 5 телевизија, се споделува како вистинска

Кога ја пребаравме наводната вест според поднасловот во кој се вели: „Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетрис стави крај на дилемите околу евентуалното продолжување на македонските патни исправи“, најдовме вест на Канал 5 со таков поднаслов, но не и со наслов кој сугерира дека Грција барала да се смени бојата на македонските пасоши од црвена во сина

-

Канал 5 не објавиле вест дека Грција бара од С. Македонија да ја смени бојата на пасошите од црвена во сина. Станува збор за измислена вест. Такво барање досега од грчка страна немало. Веста за која се тврди дека ја објавила Канал 5 телевизија не може да се најде никаде. Таа наликува на сатирична вест, но истото никаде не е нагласено, а логото на Канал 5 е намерно злоупотребено, за да се претстави веста како вистинска и со тоа да се манипулира јавноста, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува наводна вест од Канал 5 телевизија и сугерира дека Грција барал од Северна Македонија да ја смени бојата на патните исправи од црвена во сина.

Грција пресече: На нашите цариници им одзема многу време проверката на пасошите, мора да се смени и црвената боја. Нови сини пасоши?, стои во објавата со принтскрин од наводната вест на Канал 5 телевизија.

Објаватa е споделена на неколку места. Во една објава се вели „Арно прават и малце ни е“. Во друга објава е споделено само видео од наводната вест, без да се наведе конкретно за што станува збор, а во трета објава стои коментар „Јашаааа“, што и да значи тоа.

Наводната вест може да се најде и тука со следниот коментар:

Ајде торковци , додека извадите пасоши и чекате редови за нови со С.додека ги земете тие нема да важат,ќе треба други😄 магичниот круг се стеснува.Њемат одмор во ЕЛАДА #немоѕе 😆😆
Напред наши ,јуриш ,навали народе
Преземено !!!!

Од наводната вест на Канал 5 се споделуваат и фотографии.

Ваквата вест во многу нешта личи на лажна вест или на сатирична вест, но тоа никаде не е наведено. Вистиномер побара на официјалната веб-страница на Канал 5 дали има ваква вест, но не успеавме да најдеме.

Веста ја побаравме и на официјалната Фејсбук страница на Канал 5 телевизија, но безуспешно.

 

Кога ја пребаравме наводната вест според поднасловот во кој се вели: „Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетрис стави крај на дилемите околу евентуалното продолжување на македонските патни исправи“, најдовме вест на Канал 5 со таков поднаслов, но не и со наслов кој сугерира дека Грција барала да се смени бојата на македонските пасоши од црвена во сина.

Постоечката вест на Канал 5 со датум од 31 јануари 2024 година носи наслов: „Грција не попушта за македонските пасоши, бара одредбите од Преспанскиот да се почитуваат“ и во неа никаде не се спомнува ништо за бојата на македонските пасоши.

Во веста се пренесува изјава од грчкиот министер за надворешни работи кој е дециден дека Грција инсистира да се спроведат обврските од Договорот од Преспа, а кои се однесуваат на датумот за промена на личните документи – 12 февруари и аплицирањето на ознаката NMK на регистарските таблички на возилата.

Кога ќе ги споредиме фотографиите од наводната вест на Канал 5 која се споделува во објавите и веста на Канал 5 која ја најдовме на нејзината официјална веб страница, ќе видиме дека и фонтот на буквите на наводната вест не одговара на фонтот на буквите кои го користи Канал 5 телевизија.

Очигледно е дека станува збор за лажна вест која се споделува како да е вест на Канал 5. Грција досега не побарала да се менува бојата на македонските пасоши од црвена во сина. Дури и да станува збор за сатирична вест, тоа мора да биде јасно наведено и нагласено, што во објавите тоа не е случај. Со споделување на сатирични објави на социјалните мрежи без да се нагласи тоа, се создава впечаток дека се вистинити, со што се врши манипулација врз јавноста. Јавноста добива впечаток дека нешто се случило, а всушност тоа е измислица со шеговита цел.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Канал 5 не објавиле вест дека Грција бара од С.Македонија да ја смени бојата на пасошите од црвена во сина. Станува збор за измислена и лажна вест. Такво барање досега од грчка страна немало. Веста за која се тврди дека ја објавила Канал 5 телевизија не може да се најде никаде. Таа наликува на сатирична вест, но истото никаде не е нагласено, а логото на Канал 5 е намерно злоупотребено, за да се претстави веста како вистинска и со тоа да се манипулира јавноста. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...